Жешкото време ги избрка граѓаните од улица но, не и работниците на објектите
Точно напладне, во центарот на Велес, денеска беа само оние граѓани кои имаа неопходна потреба за излегување од дома. Најголем дел од нив се движеа по тротоарите со дрвореди и се криеја од пеколните сончеви зраци. Граѓаните, топлото време и температурата од 37 степени целзиусови, ги коментираа како очекувани и конечно летни по дождливите недели со „англиска клима“.
„Конечно да почувствуваме дека сме во годишно време, лето. Ќе издржиме, баравме сонце и еве го имаме. Дува ветер што значи дека нема да биде неподнослива горештина,“ рече велешанка.
„ За нас пензионерите ќе биде проблематично излегувањето од дома. Ќе ни се поремети вообичаената рутина на излегување и седење на клупите под сенка. Сепак ова ќе биде добредојден период за почвата, ќе треба да се одгледуваат земјоделски производи и храна. Нека биде и топло за годината да има род инаку што ќе јадеме кога земјоделците се жалат дека се им уништил дождот во изминатите месеци,“ рече велешанец.
Овие граѓани брзаа кон своите домови а други продолжија да работат на градежните објекти во градот. Тие не можат да ги остават работните задачи поради жешкото време. И денеска ќе останат до крајот на работното време./Д.С
