Или ново училиште или бојкот на наставата во село Сливник

Објавено на 27 август, 2014 во 13:56

Со бојкот на наставата од први септември се заканија родителите на основците од велешкото село Сливник. Нема да ги пуштат децата на училиште ако надлежните не им го решат проблемот со просторот во училиштето. Нивните деца досега учеа во старо училиште со само една училница. Таму одделенската настава од годинава треба да ја следат дури деведесет деца. Невозможно е велат родители во една просторија од 25 м2 да ги собере сите деца, а камоли да следат настава. Свесни се колку ке изгубат со бојкотот, но не отстапуваат од своето барање, или ново училиште или нема настава.

„Свесни сме колку ќе изгубиме, ама не губиме од самите нас туку од државата. Ние само сакаме нормални услови за учење на нашите деца како останатите. Господинот Сафет Незири лично вети дека децата во учебната 2014/2015 ќе учат во нова зграда. Истото го вети и градоначалникот Чадиев пред медиумите, но досега нема ништо, никаков одговор. Ние само се чудиме, не знаеме што да правиме, а децата ако треба и дома ќе седат, нема да одат на училиште, рече претседателот на Совет на родители, Џафер Јонуз.

Во подрачното училиште има реален проблем со просторот тврди и градоначалникот Слачо Чадиев. Тој призна дека заменик министерот лани ветил дека ќе се прошири зградата, но не го исполнил ветувањето. Сега од ресорното министерството добил одговор дека доградбата на училиштето ќе зависи од буџетот на министерството, за наредната година.

„Ќе стапам во контакт со министерството да видиме за овие два три дена што може да се направи, во спротивно општината ќе си земе обврска да направи проект и во рамките на можностите да изгради минимум уште една училница, друго решение не гледам. Морам да признаам дека има реален проблем и дека родителите се во право,“ рече Чадиев.

Најава за бојкот на наставата во ова училиште имаше и минатата година. Тогаш по реакциите на родителите надлежните ги реновираа тоалетите во училиштето, но исто така ветија дека децата во новата учебна година ќе учат во нови училници./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.