Мостот „Гемиџии“ е комплетно реконструиран
Мостот Гемиџии е безбеден за сообраќај. Тој е целосно реконструиран. Завршија градежните работи и на долниот дел на мостот со поставување на заштита на бетонската површина на носечките столбови и целосно санирање на пукнатините. Комплетната санација на мостот заврши четири и пол месеци пред предвидениот рок. За неговата реконструкција јавното претпријатие за државни патишта потроши околу половина милион евра.
„Мостот во овој момент е безбеден за сообраќај. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните за трпението што го имаа за време на летниот период се со цел што поскоро да се заврши мостот кој беше во лоша состојба, рече директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Ѓорѓиевски.
Засега на мостот Гемиџии останува старата ограда. Локалните власти најавија дека нова ограда на мостот ќе се постави наредната година.
„ Ветивме и нова ограда, но ќе ја поставиме вгодина. Веќе имаме план како ќе изгледа но ќе ги прашаме и граѓаните. Годинава приоритет им даваме на индустриските зони. Сега се врши проценка на индустриската зона кај Мамутчево, поточно проценка за обештетување на граѓаните за да ја заокружиме постапката околу изградбата на оваа нова индустриска зона во општината“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Соработката на локалните власти со јавното претпријатие за државни патишта продолжува и во иднина. Градот планира изградба на неколку нови моста. Преку мост со градот во иднина ќе се поврзува населбата Речани, а со мост ќе се поврзат и гробиштата и црквата преку автопатот кај Башино Село./Д.С
