Златко Арсовски, екс заштитениот сведок во случајот Ореше, заработи притвор

Објавено на 27 октомври, 2014 во 14:57

Триесет дневен притвор доби Златко Арсовски, познат како лажен сведок во случајот платено убиство во Ореше. Ваква одлука донесе Oсновниот суд во Велес откако Арсовски и по четири наредби за присилно доведување не се појави на главната расправа, на која треба да сведочи за давање лажен исказ. Судот издаде наредба со која бара од СВР Скопје да го приведе и спроведе Арсовски во затворот Скопје во Скопје.

Обвинетиот утрово околу девет часот дошол во велешкиот суд, но откако му било кажано дека расправата е закажана за два часа подоцна си заминал и не се појавил.

„Од записите на судот Златко Артсовски се појавил во Основниот суд во Велес и откако командирот на судска полиција му рекол дека главната расправа е закажана за 11 часот, заминал и рекол дека нема да дојде, рече портпаролот на Основен суд Велес, Габриела Гајдова.

Според некои информации Арсовски пред да замине од зградата на судот рекол дека ќе оди во болница. Тој и претходно доставуваше медицински потврди во кои му беше дијагностицирано ретко заболување на крвта поради што мора да прима крвна плазма.

Од судот информираа дека психијатриското вештачење покажало дека Арсовски е способен да ја следи главната расправа. Инаку Арсовски треба да сведочи и за случајот со запалената амбуланта во село Ореше но и на оваа расправа досега не се појавил./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.