Полицијата гонела осуденик
Вистинска бркотница со автомобили се случувала синоќа на регионалниот пат Велес – село Раштани. Наместо да го запрат возилото откако полицијата ги пресретнала и од нив побарала да застанат,двајца жители на село Бузалково избегале.
Инцидентот се случил кога четириесет годишниот Н.А. управувајќи го возилото Лада Самара со велешки регистарски таблички не ја послушал наредбата на полицијата и наместо да го запре автомобилот на нејзин знак, продолжил да вози со зголемена брзина и при тоа им го попречил патот на полициските службеници кои исто така се движеле со автомобил.
Во автомобилот на четириесет годишниот Бузалчанец се возел и неговиот помлад брат Џ.А. кој се бара за издржување затворска казна од четири години.
Полицаец за да ги заплаши и примора да го сопрат возилото испукала пет истрели во воздух, но и покрај предупредувањето тие продолжиле да возат кон Бузалково. Запреле дури во двор на семејна куќата во селото и избегале.
Полицијата успеала да го пронајде возачот на Ладата и против него ќе поднесе соодветна пријава. Но од неговиот брат нема ни трага ни глас. Тој бил осуден на четири годишна затворска казна поради недозволено држење оружје. Полицијата трага по него./Д.С
