Наместо проект „е –пристапно образование“ да стане дел од образовниот процес во државата

Објавено на 29 октомври, 2014 во 13:23

Специјални тастатури со поголеми букви, екрани на допир и други помошни алатки користат дваесетина деца со посебни потреби во основното училиште „Васил Главинов“. Тие им овозможуваат полесно да ја совладаат наставната програма, но истовремено да ги развијат и своите вештини. Ова им го овозможи проектот „е –пристапно образование“ што во училиштето се реализира веќе четврта година.

„Овој проект овозможува прифаќање на децата и нивна поголема социјализација како и развивање на емпатија кај останатите ученици. Тие градат еден соживот и знаат дека дека сите имаме одредени потреби, но и дека овие деца имаат поголеми потреби. Овие асистивни апарати се користат како секојдневна алатка во работата на децата,“ рече наставничката Кети Стојкова од ООУ „Васил Главинов“.

Инаку, проектот е на УСАИД и на државно ниво се имплементира петта година. Во него се опфатени 31 основно и две средни училишта во земјава преку Здружението „Отвори ги прозорците“. Од здружението сметаат дека досега се постигнати солидни резултати и се зголемува бројот на вклучени ученици со посебни потреби во редовното образование.

„Асистивната технологија што се применува во основните и срдните училишта им го олеснува пристапот на учениците со посебни образовни потреби во наставата, а со тоа и полесно да ја совладаат,“ рече координаторот на проектот, Маргарита Гулевска од Здружението „Отворете ги прозорците“.

На денешната тркалезна маса наставници од повеќе градови во државата вкучени во „е- пристапно образовение“ ги разменија искуствата од досегашната работа. Дел од нив сметаат дека примената на асистивната технологија во училиштата не треба да биде проект туку дел од образованието на учениците во Македонија./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.