Заев од Велес: „Бомбите се нашите аргументи и докази, различни и многу слични на бомбите на Гемиџиите“
Лидерот на СДСМ синоќа на трибината пред велешани повтори дека опозицијата нема да се врати во Парламентот без нов изборен закон, попис и техничка влада. Заев ги соопшти опозициските ставови за како што рече манипулациите на Груевски и Власта.
„Само Македонија и Сомалија немаат попис на населението. Знаете ли зошто нема попис во Македонија? За да може власта да продолжи да лаже. Ако има попис тогаш ќе се покаже дека сега во Македонија не живеат 2 милиони и 100 илјади жители туку 1 милион и 650 илјади. Светска банка објави дека 448 илјади граѓани ја напуштиле Македонија. Најмногу се млади луѓе. Ако од 1 милион и 650 илјади жители извадите процент на невработени во Македонија тоа не е 29 отсто туку излегува невработеност од 40 отсто. А тоа е вистинската слика бидејќи секој втор човек во државата е невработен,“ рече Заев.
Претседателот на СДСМ рече дека состојбата во државата е понижувачка, во здравството, во образованието, во културата и граѓаните не смеат при очи да бидат слепи и при уши глуви. Тој говореше и за „бомбата на Заев““ велејќи дека е иста како и бомбите на Гемиџиите кои го бомбардирале Солун затоа што имале јасна цел да се слушне за теророт на македонскиот народ.
„ Да престане ова зло што го поклопи целиот систем, во кој граѓаните трпат страв, уцени и закани од оној на кои му дал можност да ја води татковината, државата. Денеска имаме современо ропство, од наши Македонци, повторно е окупирана од наши не од странски поробувачи. И знаеме како ропството заминувало низ историјата, како тогаш и сега ќе замине од народ кој што ќе се крене,“ рече Заев.
Тој ги повика граѓаните на мудрост и заштитнички однос прво кон семејствата а потоа и кон државата./Д.С
