Автомобил падна од брегот кај Спомен костурница на кружниот тек, на влезот во Велес
Во него се возеле едно седумгодишно дете и тројца мажи на возраст од 18 до 20 години. Детето е најтешко повредено. Тоа во велешка болница било донесено во коматозна состојба. По реанимацијата на хирушкото одделение веднаш е транспортирано во Ургентниот центар во Скопје. Тројцата мажи се задржани на лекување во болницата во Велес и според првичните информации на дежурниот лекар се надвор од животна опасност.
„Детето има повреда на главата. Беше донесено во коматозна состојба и веднаш откако го реанимиравме одлучивме да го транспортираме во придружба на анестезиолог на Клиника во Скопје. Останатите тројца мажи ги задржавме во болницата. Веќе завршија ренгенските и ехо испитувања ги очекуваме резултатите. Направени се и лабораториски анализи. Штом стигнат комплетните резултати ќе знаеме како понатаму да ги лекуваме. Тие се надвор од животна опасност. Првично кај еден од повредените, за кого стигнаа резултатите, можам да кажам дека има сршеници на ребра и на коски. За другите ќе мора да ги почекаме анализити,“ рече д-р Љупчо Леов спедијалист по ортопедија.
Автомобилот марка „фолцваген“ од патот под Спомен костурница излетал околу 15. 50 часот. Сведоци на сообраќајката биле неколкумина деца кои во моментот си играле на платото пред Костурницата и виделе како колата буквално лета во брегот. Тие раскажаа како прво се слушнал силен тресок кога автомобилот излетал од патот на површината на земјениот брег. Тогаш најверојатно се скршила шофершајвната затоа што автомобилот удирал во гранки и дрва. Потоа од него излетал еден од патниците. Останатите двајца мажи и малолетното дете заедно со автомобилот паднале долу под брегот висок околу дваесеттина метри.„
По наредба на јавен обвинител увид на местото на несреќата направи екипата на СВР Велес. Се уште ги утврдуваат причините за сообраќајната несреќа./Д.С
