На Торакална хирургија во Скопје пренесен уште еден повреден во вчерашната сообраќајка на влезот на Велес

Објавено на 30 ноември, 2014 во 11:20

Доцна синоќа уште еден учесник од сообраќајната несреќа на влезот од Велес е пренесен на скопските клиники. Тој е хоспитализиран на Торокална хирургија поради здравствени проблеми на градниот кош. По резултатите од ренгенските снимки и компјутерската томографија пациентот го транспортиравме затоа што исплука крв, вели дежурниот лекар на хирушкото одделение во велешката болница, ортопедот д-р Љупчо Леов.

„Сакавме да бидеме сигурни и затоа го препративме на Торокална во Скопје. Во текот на ноќта ги следевме и останатите двајца возрасни пациенти кои останаа на лекување на хирушкото одделение. Денеска на еден од нив ќе биде направено компјутерско снимање на глава и врат. Нивното лекување засега продолжува во велешката болница,“ рече д-р Леов.

Најтешко повредениот пациент во синоќешната несреќа, седумгодишното дете, беше испратено како хитен случај во состојба на кома во Ургентниот центар во Скопје.

Несреќата се случи околу 15.50 часот кога тројцата возрасни велешани и детето, брат на еден од нив, се возеле во автомобил комбе марка „фолцваген шаран“  по улицата под Спомен костурницата. Од засега неутврдени причини автомобилот излетал од улицата на земјениот брег, удирал во дрва и гранки, од него излетало едно лице а потоа паѓал дваесет метри и завршил долу на патот до кружниот тек на влезот на Велес. Несреќата во полиција и брза помош ја пријавиле вработени во бензиската пумпа. Лекарите едвај го извадиле возачот од автомобилот. По укажаната лекарска помош ги пренеле повредените во велешката болница. Двајца од нив, поради сериозноста на повредите, се наоѓаат на скопските клиники.

По наредба на основен јавен обвинител увид на местото на несреќата направи полицијата. Дополнително ќе се утврдуваат причините кои ја предизвикале./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.