Секој ден на кондиционен тренинг во Градски парк

Објавено на 19 декември, 2014 во 14:30

По два часа дневно прават склекови, се загреваат  и вежбаат на справите во Градскиот парк. И така секој ден, братот и сестрата Тоше и Данче Велеви го поминуваат своето слободно време. Не им пречи ладниот воздух ниту мраз студеното железо на справите, полни со спортски дух и ентузијазам, со леснотија прават неверојатни вежби и како што велат се одржуваат во форма. И сето тоа го прават со единствена цел, да бидат здрави и да одржуваат кондиција, за да можат да ги освојуваат планинските врвови.

„Секој ден доаѓам тука најмалку барем два часа, бидејќи ми е блиску и за вежбање и за трчање. Тоа ми е потребно да одржувам кондиција бидејќи сум планинар-алпинист. Правам вежби и трчам и многу добро се чувствувам, рече Тоше Велев.

„Доаѓам тука со брат ми кога си доаѓам во Велес бидејќи сум на факултет. И јас се занимавам со планинарење и овие вежби навистина добро ми доаѓаат кога се искачуваме на некоја планина. Неверојатно е чувството, рече Данче Велева.

И денеска ги затекнавме Данче и Тоше на справите во паркот, не воодушевија со нивните акробатски вежби па решивме да ги интервјуираме. И двајцата посакуваат на ваков начин своето слободно време да го минат и нивните врсници.

„Јас би им препорачал на сите млади но и постари да доаѓаат тука и да вежбаат наместо да седат пред фејсбук или по кафичите. И не мора тоа да го прават за да спортуваат туку рекреативно да се занимаваат со вежбање, бидејќи тоа е здравје“, рече Тоше.

„Во здраво тело, здрав дух, овие вежби ви го носат тоа. Подобро тука неколку часа отколку пред компјутер. Чувството е убаво кога си исполнет.

Данче и Тоше често ќе ги гледаме на справите во Градскиот парк. Велат ќе продолжат да вежбаат и во иднина и не само заради спортот со кој се занимаваат туку заради начин на живеење./Д.С

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.