Центрите во Велес и Штип ќе даваат помош за учество на тендери и на поголеми претпријатија

Објавено на 21 декември, 2014 во 10:04

Во завршна фаза влегува проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки што го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во партнерство со невладините организации Фокус од Велес и ЕХО од Штип. Со него досега се опфатени 300 микропретпријатија од четирите региони поточно во 35 општини во државата.

Во изминатите две години,  микропретпријатијата добиваа бесплатни обуки за полесен пристап до јавните набавки, регистрација во системот, учество на електронски аукции, помош при подготовка на технички документации за тендерските постапки како и бесплатна правна помош доколку се соочеа со проблеми со учеството во тендерите. Двата центри за поддршка на микропретпријатијата ќе продолжат со својата работа и наредната година и ќе даваат услуги на микро и поголеми претпријатија  вели координаторката на Центарот во Велес, Весна Шкортова.

„Двата центри ќе продолжат да работат на својата одржливост и во исто време своите услуги и помош ќе им ги понудат и на фирми кои не се микро и мали и не спаѓаат во овие региони. Значи сега сите фирми дури и поголемите ќе добијат можност да ги користат услугите на двата центри во Велес и Штип со кои ќе им се олесни пристапот до јавните набавки,“ рече Шкортова.

Искуствата на микропретпријатијата кои се вклучени во проектот се позитивни. Сите учествуваат во тендерски постапки. Поголем дел од нив до сега добиле два, три, четири и повеќе тендери или во моментов  изведуваат работи во објекти на локални институции,училишта, градинки, болници, здравни домови или  јавни претпријатија. Искуствата од изминатите две години покажаа дека дел од микропретпријатијата со слична дејност изградија партнерства и учеа едни од други. .

„Видовме дека проектот им беше од голема помош на досега вклучените 300 микропретпријатија особено за оние кои првпат се соочија со новините во Законот за јавни набавки поточно новиот, електронски пристап за учество на наддавањата или аукциите. Тие доаѓаа или асистентите од двата Центри одеа кај нив и заедно ги решаваа проблемите или дилемите поврзани со подготовката на документацијата и учеството на тендерите. Нашите асистенти се мобилни и во наредната година ќе им помагаат на новите фирми кои ќе се вклучат во проектот. Значи и поголеми фирми ќе имаат можност да побараат и добијат помош,“ рече Шкортова.

Заинтересираните претпријатија кои имаат потреба од помош за да учествуваат во тендерските постапки доволно е да побараат помош од двата Центри во Велес и во Штип. Контактот со Центарот за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки во Велес може да се оствари и телефонски на бројот 043/ 212-450. Првични информации за контакт или огласи за тековни тендерски постапки можат да добијат и на веб страната www.zanabavki.mk./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.