Тужбата на велешанецот Мирко Цветков прифатена во Стразбур
Објавено: 20 јануари, 2015, во 17:01 часот
Судот за човекови права во Стразбур ја прифати тужбата на велешанецот Мирко Цветков, поранешен ученик на средното стручно училиште Коле Неделковски во Велес, во чија спортска сала пред седум години беше тешко повреден. Тогаш врз главата на ученикот падна дел од статива на ракометен гол. Цветков успеа да ги залекува раните но не успеа да ја докаже правдата во македонските судови.
Тужбата во Стразбур е поднесена во октомври лани и по еден месец судот ја прифати. Сега адвокатот Марија Аргировска вели дека судот ќе одлучува за неправедното и нефер судење во домашните судови.
„Ќе ја докажуваме не еднаквоста на странките во судскиот процес во кој како тужени се јавуваат општина Велес и средното училиште, поврзани со општинскиот буџет наспроти тужителот како физичко лице. Од таа страна очигледен е дисбалансот меѓу тужените и тужителот. Постапката била неправедна имало нефер борба помеѓу странките. Исто така првичната тужба не била целосна бидејќи адвокатот побарал само надомест за нематеријална штета. А каде се тука операцијата, терапијата, лекувањето. Прво треба да се бара утврдување на материјална штета а потоа да се утврдува делумна штета. За жал судот и во постапката која што ја водел утврдил дека виновен е ученикот а не институцијата“, рече Аргировска.

Таа додаде дека постапката во Стразбур ќе биде долга, бидејќи судот е затрпан со предмети, но сепак по одлуката на судот многу е веројатно дека ќе треба да се поништи судењето во Македонија каде ученикот беше прогласен за виновен.
„Знатете што, жално е кога правдата треба да се бара надвор од држвата а имаме Устав и закони и ратификувана Конвенција“, рече Аргировска.
Инаку овој е втор предмет што Аргировска го застапува во судот за човекови права во Стразбур и уште два се во подготовка. Во сите, граѓани на Македонија бараат остварување на свои права кои претходно не успеале да ги остварат во земјава.
Убавка Јаневска


