Му требаат ли палми на Велес ?

Објавено на 15 јуни, 2015 во 14:39

Ако палми има засадено во Берлин, Хамбург, Минхен, Дрезден или Пловдив тогаш може да има и во Велес. Ваква паралела во која Велес беше спореден со неколку европски градови направи градоначалникот Славчо Чадиев одговарајќи на новинарско прашање, издржано ли е решението за садење палми во градот. Тој уште еднаш истакна дека засадените палми во Велес не ја чинат ниту денар општината и рече дека ја прифаќа секоја критика упатена до него за насадените палми. Според првиот велешанец пострашно било што никој па дури ни екологистите не го осудил палењето на палмата во Младински парк и се надева дека тоа ќе биде изолиран случај на вандализам.

„Ако се сеќавате исто така бевме напаѓани кога се исекоа десетина дрва од паркот пред основното училиште„ Васил Главинов“, за да насадиме нови 85 дрва. Јас сум подготвен како градоначалник секогаш да бидам критикуван кога ќе насадам дрво, и ја прифаќам одговорноста ако сум згрешил, но за тоа граѓаните ќе кажат. И не слушнав никој од невладините здруженија да излезе и да го осуди чинот на палење на палмата, бидејќи тоа можело да предизвика уште поголема штета, таму имало и други деца, иако било доцна вечерта,“ рече Чадиев.

Наспроти критиките на градоначалникот, претседателот на Е.Г. „Грин Пауер“ Игор Смилев пак вели дека откако останаа без прес сала поради прераспределбата на просторот во Домот на невладини организации во Велес, тој веднаш штом слушнал за вандалскиот чин реагирал и тоа со статус на неговиот фејсбук профил.

Смилев вели дека на 13 овој месец, ден по палењето на палмата, на Фејсбук напиша:

„Можам да го разберам фрлањето лушпи сончоглед по улица, го разбирам и непуштањето вода во казанче после употреба, крадењето тоалетна so течен сапун од хотели и ресторанти, не ми е чудно газењето цвеќиња, имам разбирање и за дишењето преку нос, за незнаењето да кажеш добар ден,…. го разбирам и неможењето да се склопи една просто проширена реченица, и користењето речник со богати и сочни епитети ( репродуктивни машки и женски органи)…повеќе ќе разберев да се самозапали некој жител како врвен, возвишен акт и манифест против бруталното и садистичко секојдневие…. буквално се можам да разберам, ама неандерталското палење палма не….боже, колку му тежиме на овој град, но и покрај сите наши обиди да го уништиме тој опстојал…благороден е мојот град и тука приказната за благородноста завршува !!

Претседателот на ЕГ „Грин Пауер“ денеска додаде дека градоначалникот може како сака да го толкува неговиот став.

„Мене ми е тешко подеднакво како и нему поради тоа што презирам примитивизам и нецивилизирани, нехумани и нечовечки постапки, затоа што ниту едно дрво досега не уништило нечиј човечки живот ниту пак било закана за човечката популација, за жал секогаш било обратното,“ рече Смилев.

Палењето на палмата се случи на 12 јуни во ноќните часови во Младинскиот парк. Сторителот на вандалскиот чин е петнаесет годишно момче кое заедно со родителите било повикано на распит во полициската станица.

Инаку пред две недели на неколку локации во Велес се засадија вкупно 46 палми. Тоа предизвика различни реакции. Повеќемина велешани негодуваа но имаше и граѓани кои првпат видоа палми и им се воодушевија./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.