Во Велес отворена сезоната на капење во фонтана
Четири деца се првите капачи во фонтаната во Младински парк. Вака одлучиле да се разладат од пладневната горештина во градот. Тие пливаа и меѓусебно се прскаа додека граѓаните минуваа низ паркот или на тротоарот на улицата „Благој Ѓорев“. Имаше обид и за скок од ѕидот во базенот на фонтаната која има метални шипки како систем за проток и распрскување на вода. Минувачи успеаја да ги поколебаат децата кои во целост не го послушаа дадениот совет да излезат од водата затоа што фонтаната во исто време не може да биде и базен.
Околу фонтаната нема знак кој би предупредувал дека е забрането влегување, фрлање на смет и капење. Некои граѓани, за кратко време по полнењето умеат со несовесни постапки, водата да ја загадат со фрлање на опушоци, хартија , лименки од сок или пиво. Сега водата е чиста но не се знае до кога.
Оваа фонтана е најголема во Велес и се наоѓа најблиску до градскиот базен./У.Ј
