Малкумина им помагаат а повеќето во емигрантите гледаат само профит, деновиве со нивните велосипеди

Објавено на 17 јуни, 2015 во 13:37

Дваесет и седумгодишниот Сириец Језен е водач на петнаесет члената групата мигранти која утрово пристигна пред куќата на помошта во Велес. По четиридневно патување низ Македонија со велосипеди на кои ги возеле двете бремени жени и шесте малолетни деца Језен раскажа како за прв пат можат безгрижно да одморат. Особено одмор им треба на бремените жени и малолетните деца, од четри до седумгодишна возраст, кои не можат да го поднесат патот и високата температура, рече Језен. Тој изненад од приемот и грижата што Ленче Здравкин со семејството ја покажаа кон нив гласно искоментира дека има и добри луѓе во Македонија.

„Огромен човек не нападна додека седевме на една полјанка после Гевгелија од каде купивме и за еден велосипед плативме по 140 евра. Ние одмаравме на полјанка близу патот кога тој ни се доближи и со сила се обиде да ни ги земе велосипедите нудејќи ни по едно евро за нив.Седуммината мажи од мојата група мораа да станат и да ги бранат велосипедите. Среќа што успеавме да ги сочуваме и со нив да стигнеме во Велес. А овде, кај Вас не пречека добрина за што сме многу благодарни,“ рече Језен.

Откако од домаќините добија информација дека брзиот воз од Атина за Белград во Велес ќе пристигне околу 21 часот и покана да бидат нивни гости Језен се заблагодари за сигурноста, за храната, водата, лебот, сокот и млекото што го добија. Двете бремени жени воздивнаа и бараа да бидат фотографирани а нивната приказна пренесена од новинарите иако не го знаеја англискиот јазик.

„Многу ни е напорно а бевме и преплашени. Не спиевме во изминатите четири ноќи и немаме сила да продолжиме понатаму. Ова миење со вода ни е прво по една седмица имаме потреба од туш, чиста облека и кревет,“ велеа жените додека Језен преведуваше од сиријски на англиски јазик.

Паркираните велосипеди до камениот ѕид со кој е оградена железничката пруга од улицата „Димче Мирчев“го привлекоа вниманието на велешани. Но тие не дојдоа за да им подарат храна, вода и облека туку да се испазарат и за што помалку пари да ги купат велосипедите на мигрантите.

Вакви глетки зачестија деновиве во Велес. Напладне десетина граѓани веднаш опколија друга група мигранти кои штотуку слегоа од велосипедите пред Ликовниот салон. Им нудеа по педесет евра а некои и помалку за велосипед. Тоа не им се допадна на мигрантите па по долго стоење во место одлучија да продолжат да возат кон железничката станица.

А таму од пред два дена постои импровизиран пазар. На бувљакот единствено се продаваат половни и нови велосипеди на мигрантите кои со вечерните возови заминуваат кон Куманово а потоа ако имаат среќа и кон Србија.

Дел од граѓаните кои биле сведоци на глетката на бувљакот велат дека се срамат што во сеќавањата на мигрантите Велес и Македонија ќе останат запаметени како места каде велосипед купиле за 150 евра а потоа морале да го продадат за 20 или 50 евра./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.