„По Железен мост ја освојуваме и највисоката кула во Велес“, велат Стојанче, Баже и Филип

Објавено на 23 јуни, 2015 во 14:32

Тие се храбри и претпазливи момчиња полни со адреналин што го трошат воглавно за искачувања на висини. Велешаните Стојанче Наумов и Баже Натов, преку последното постирано видео на фејсбук,ни покажаа каква е гледката на Велес од врвот на Железен мост, од околу шеесетина метри над реката Вардар. Таму од оправдани причини не бил нивниот пријател Филип Петковски. Тројцата млади луѓе се паркур атракција во градот. Тие не кријат туку откриваат дека наредниот пат со панорами од видео камерата ќе не почестат штом се искачат на покривот на највисоката кула во Велес, кај трговски центар во Нова населба.

Стојанче, студент на информатика, започна да ја раскажува приказната за освојувањето на Железен мост. На прашањето како беше таму горе на највисоката точка на мостот и дали се врти умот, тој рече:

„Адреналинот е виновен. Тој не понесе и така започна искачувањето по железната конструкција. Кога бевме искаќени беше полесно затоа што само треба да се чекори по железата. Вие не знаете а за тие што првпат читаат за нас ќе кажам дека ние тренираме паркур значи спорт во кои скокаме, прескокнуваме и се искачуваме на висини. Горе на Железен мост е неопишиво со зборови. Треба да се качите за да ви биде јасно за што ви зборуваме. Воопшто не е опасно ако си сконцентриран добро, на местоположбата на која се наоѓаш и воопшто не треба да мислиш на ризикот, на она што нели како лошо може да ти се случи. Постојано треба да мислиш на позитивни работи и се ќе биде во ред,“ рече Наумов.

Тој е убеден дека при искачувањето не им била потребна никаква заштита, од ремени и јажиња, бидејќи биле доволно храбри да го реализираат потфатот како и претходно кога на пример ја освоиле куќичката на ридот Вршник, висока над триесеттина мести, покривот на спортската сала „Гемиџии“ и на хотелот „Интернационал“ во центарот на Велес, каде одлично извеле стотици паркур акробации. На прашањата чувствуваат ли воопшто страв и какви се коментарите на нивните родители по последното видео, Баже Натов рече:

„Мислам дека немам страв туку поседувам поголемо количество на адреналин. Да, родителите го видеа објавеното видео и нормално веднаш следеа реакциите од видот: Дали сте вие деца нормални? Така беше и кога почнавме да спортуваме паркур. Прво не караа, па не советуваа и на крај кога видоа дека нема фајде се откажаа но знаеме дека го следат секој наш чекор. Така најверојатно треба кога си родител. Но ние покажуваме грижа верувајте. Иако ние паркур тренираме околу шест години годинава за прв пат посериозен интерес покажаа десеттина деца. Ние се грижиме за нив, никогаш не ги оставаме сами да вежбаат и им забранивме акробации да прават кога не се со нас. Тоа е закон и тие го почитуваат,“ рече Натов.

Тој е матурант кој се подготвува за упис на факултетот за архитектура и дизајн и вели дека ќе спортува паркур без разлика дали е во Велес или во Скопје, во Штип или во друг град. Како паркур група во која Филип Петковски е најмладиот , тие се подготвуваат за учество на натпреварот „ Red bull art of motion“ во Санторини, Грција.

„Таму има натпреварување на кое се избираат најдобрите и се прави група, значи најдобри во Светот. Тие се натпреваруваат еден со друг иако тоа не е целта на паркур спортот бидејќи тоа е натпревар на сам со себе. Секој ден напредуваш, се надоградуваш психички и физички. Знаете што потребен е баланс на ментална и физичка подготвеност за успешно преземениот потфат,“ рече Петковски.

Сега оваа паркур група се подготвува за искачување на покривот на висококатницата позната во градот како зградата на СиБиЕм. Штом го реализираат потфатот, Стојанче, Баже и Филип, ветија дека ќе раскажат нови приказни во кои секако и понатаму ќе биде адреналинот. /У.Ј

Видеото на овие три момчиња што им ја замрзна крвта на многумина посетители на фејсбук погледнете го ТУКА:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.