Заплови Вардарската регата „Гемиџии“ со најголем број на учесници досега
На 14 гумени чамци и традиционалната гемија, стотина учесници утрово запловија по водите на Вардар и ја стартуваа седумнаесетата по ред Вардарска регата „Гемиџии“. Од Велес, преку Криволак, Демир Капија и Миравци, крајната цел на регатата е Гевгелија. Таму учесниците за четири дена треба да стигнат и да го завршат патувањето . Велешката регата го симболизира славниот подвиг на гемиџиите и традицијата на велешките трговци своите производи на дрвен сплав да ги превезуваат до солунскиот пазар. За прв пат годинава регатата има и меѓународен карактер. Во неа учествуваат гости од Србија и Бугарија.
„Јас сум одговорен за логистиката на бугарскиот Црвен крст. Среќен сум и горд што сум дел од вашата регата . Почестени сме што не повикавте како ваши големи пријатели и се надеваме дека и в година ќе не поканите да бидеме учесници на регатата“, рече Никола Величков , Бугарија.
„Прв пат сме на регата и дојдовме по покана на извидничкиот одред Димитар Влахов . Сега сме помала група, но се надеваме дека наредната година ќе бидеме помасовни. Немаме претстава што може да не очекува но се надеваме дека времето ќе биде убаво и дека нема многу да изгориме и дека нема да биде напорно. Сепак дружењето е најважно“, рече извидник од извиднички одред Милош Станимировиќ од Ниш, Никола Марковиќ.
И на годинешнава Вардарска регата со свое учество се вклучија голем број институции, а за безбедноста на пловидбата се задолжени членовите на Црвен крст и спасителите на вода.
„Претходно имавме обука на вода и сите оние кои пловеа се запознати со правилникот за работење на регатата и ги потпишаа изјавите за учество во неа. Луѓето се едуцирани како треба да се однесуваат на вода а тука се и безбедносните сили и Црвен крст со спасителите на вода, рече организаторот од Здружението Вардарска регата Гемиџии, Анѓел Гушев.
„Оваа година тимот на службата за безбедност на вода се состои од 16 спасители а годинава ни се приклучија и колеги спасители од Бугарија. Речиси во секој чамец ќе има спасител и два чамци само со спасители од кои еден ќе биде напред и еден на крај“, рече спасителот Иле Попов.
Пред тргањето на регатата, голем број делегации положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот на Гемиџиите./Д.С
