Саздов од ВМРО ДПМНЕ: Коцевски го задолжи „Дервен“ со 3 милиони евра кредит МЕАП

Објавено на 27 септември, 2017 во 16:16

Со кој образ излегувал „вечниот“ кандидат Аце Коцевски за да им ги ветувал истите работи на велешани кои тој не успеал да ги реализира во деветгодишниот мандат додека бил Градоначалник на Велес како што впрочем била замената на старите азбестни водоводни цевки во Велес, прашаше денеска членот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Петре Саздов на почетокот на партиската реакција на соопштените еколошки проекти за кои зборуваше противкандидатот за градоначалник на СДСМ, Аце Коцевски.

– Сите во Велес знаат дека тој во неговите два мандати го задолжи ЈКП Дервен со над 3 милиони евра кредит МЕАП. Ветуваше дека тие пари ќе се искористат токму за замена на водоводната мрежа на градот. Парите се потрошија, сите 3 милиони евра, а ветувањата што ги даваше на велешани дека старите азбестни цевки ќе ги замени останаа не исполнети. Дополнително, се уште стојат сомнежите поврзани со трошењето на овие средства, зашто досега тој нема дадено никаков одговор, рече Саздов.

Тој потсети дека кредитот МЕАП кој го подигнал беше отплаќан од страна на граѓаните на Велес се’ до 2015 години или седум години откако тој повеќе не беше градоначалник. И додаде:

– Кога тој излегува да зборува за квалитет на водоснабдувањето на Велес, ние само ќе потсетиме дека додека тој беше градоначалник ја покачи и цената на водата за речиси 200 проценти, а во исто време пола град беше со скоро секојдневни рестрикции во водоснабдувањето. Ете така работеше Аце Коцевски во неговите 9 години управување со градот, потрошени 3 милиони евра МЕАП кредит, незаменети азбестни цевки, рестрикции на вода за домаќинствата и поскапи сметки за вода за 200 проценти. Ветувања и лаги. Времето на лажните ветувања на Аце Коцевски одамна помина. Граѓаните го казнија еднаш во 2009 година и вторпат во 2013 година, а тоа ќе го сторат уште посилно и по трет пат на изборите на 15 октомври, рече Саздов.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.