Коцевски: „Кредитот МЕАП беше во тек кога јас го добив градоначалничкиот мандат и беше потпишан од Никола Груевски како министер за финансии во Владата на Љубчо Ѓоргиевски“
Објавено: 28 септември, 2017, во 20:08 часот
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Аце Коцевски не чувствува вина за тоа што француска компанија не влегла во фабриката за шински возила „Колска“ за време на неговиот втор мандат. На новинарско прашање зошто не се продаде или во „Колска“ не влезе инвеститор , како што тврдат политичките опоненти, Коцевски одговори:
– Не чувствувам никаква вина затоа што станува збор за мое учество во владина делегација кога заедно со тогашниот директор на фабриката за шински возила од Велес отидoвме во Стразбур за да преговараме со една фабрика чии возови се многу современи. Но, таму делувавме смешно затоа што кога ние им ја презентиравме фабриката и производствениот процес во неа тие се откажаа од можноста да ја купат Колска, рече Коцевски.
Тој одговори и на новинарското прашање чувствува ли вина за имплементирањето на проектот МЕАП во времето на првиот мандат со кој иако не се сменети сите азбест цементни цевки велешани го отплатуваа и по завршувањето на неговиот мандат.
– Кредитот МЕАП беше во тек кога јас го добив градоначалничкиот мандат и беше потпишан од Никола Груевски како министер за финансии во Владата на Љубчо Ѓоргиевски. Проектот се реализираше во поголем број на општини во државата а во Велес се реализираше преку ЈКП Дервен. Општината немаше никаков пристап до парите за да можела да направи било каква злоупотреба. Од парите кои сме ги имале на располагање сме реализирале бројни проекти меѓутоа не се стигнало да бидат заменети сите азбест цементни цевки и затоа го има сега во мојата изборна програма. Инаку во тој временски период под контрола на ВМРО ДПМНЕ беше и полицијата и Јавното обвинителство и судовите. Доколку најдеа злоупотреба на еден денар против мене ќе поднесеа бројни кривични пријави а како што можете да видите против мене не е поднесена никаква кривична пријава. Мене совеста ми е чиста, рече Коцевски.
Исто така додаде дека поради злоупотреба на неговото име и ширење лаги Правниот Комитет на СДСМ работел на подготовка на кривична пријава и опомена пред тужба за неколку национални портали и еден со чудно име за кои сметале дека се администрирал од просториите на општина Велес кои очигледно работеле во полза на кандидатите на ВМРО ДПМНЕ.
Инаку денешната прес конференција на Коцевски беше посветена на изборните ветувања за отворањето на нови работни места и подобрувањето на бизнис климата во општината. Тој на денешната прес конференција рече дека СДСМ тоа ќе го направел со воспоставување на нови партнерства и соработки не само со странските туку и со домашните компании со цел да се изедначеле во статусот како и преку изградба на нова комунална инфраструктура во постоечките индустриски зони, преку нови проекти за преквалификација и доквалификација на работната сила, нови програми за професионална орјентација на младите и други проекти.
{vembed Y=NfkdjNW7lC4}


