Аманетот на грнчарот Димко Солев: „Јас не дознав но, вие деца мои да дознаете како загина брат ми Кочо?“
Додека полека и тивко лежел на постелата во својот дом навасан од болеста и претчуствувал како животот ги одбројува часовите, Димко Солев, брат на најголемиот македонски мајстор на стихот и поезијата Кочо Солев Рацин, им оставил аманет. На тие моменти се сеќаваат неговите деца, особено кога од нив побарал:
„Деца мои да знаете дека ќе умрам а моите очи нема да се затворат. Од нив сега гледате како течат солзи и каква тага зраи мојот поглед. Тоа е само поради една причина, затоа што не дознав како загина мојот постар брат Кочо. Го убија ли или вистината е како што и рекоа на мајка дека трагично загинал во густата шума на Лопушник. Ви оставам аманет, вие да ја барате вистината за Кочо, за вашиот чичко, затоа што тој, мајка, сите ние заслужуваме да ја знаеме“, им рекол на тројцата синови Димко Солев, помладиот брат на Кочо Солев Рацин.
Димко Солев со еден од внуците
Тој беше познат велешки грнчар роден во 1915 година, како трето дете, на Апостол и Марија Солеви. Исто како и неговиот постар брат Кочо и тој грнчарскиот занает го научил од својот татко Апостол. И Димко од мали нозе секој ден со татко му и магарето оделе од под Којник до месноста „Брца“ за да ископаат глина. Ја товарале во кошевите што ги носело семејното магаре и се вракале дома. Потоа почнувале со процесот на подготовка поточно газење па месење пред да ја стават на грнчарското колце. Таму вештите раце на Солеви од топките глина ги вајале бардаците, стомните, ибриците и калениците. Помошта од постариот син и брат, Кочо во тој дел од мајсторијата бил ненадминлив. Тоа тогаш го признавале и останатите грнчари во Велес. Но, Кочо ретко се вртел во Велес.
Димко е седум години помал од Кочо. Тој и не разбирал многу зошто постариот брат го нема се почесто во нивниот дом, каде патува, зошто и со која цел го прави тоа. Но, знаел дека освен дома, на семејното грнчарско колце, Кочо штом стигнел да помогне одел и за дневница работел кај грнчарот Јаманди. Умеел да побара помош од Димко на кого му давал писма или книги и барал да ги предаде на некого или пак да му биде помошник во печатењето на летоци и други видови на листови, за кои Димко слушал како другарите на Кочо го кажувале многу често зборот „пропаганда“ додека во убаво маскирана дупка во работилницата работеле на малата печатарска машина. Инаку, Кочо му бил идол на Димко.
Димко Солев со другарите
„Татко, ми раскажуваше дека најмногу од сите браќа го сакал и почитувал Кочо. Кога го осудиле и чичко Кочо морал казната ја издржавал во Симитли, Бугарија, баба ми Марија му дала писмо, пари и сукан зелник и татко ми Димко отишол да го посети. Кога го видел го прегрнал толку силно што двајцата се расплакале. Тогаш чичко Кочо му рекол на татко дека претходно затворениците го прашувале дали нема роднини, браќа и сестри, штом никој не му доаѓа на посета. Тие не знаеле за сиромаштијата во која живееле Солеви. На средбата чичко Кочо му рекол на татко: „Сега нека видат дека и јас имам фамилија, имам брт кој мисли на мене“. Tогаш уште посилно го прегрнал татко а овој не можел да престане да плаче и да липа на глас. И додека почина секогаш кога ја раскажуваше таа средба плачеше, се присети синот на Димко, Бошко Солев.
Покрај Кочо и Димко, Апостол и Марија Солеви имале уште двајца синови Никола и Александар како и две ќерки Грозда и Веса. Солеви живееле од глината од која ги создавале стомните, бардачињата, ибриците, грнците, поклопците, бебиња за казаните за варење ракија, ќуповите и другите глинени производи. Нив ги правел големиот мајстор Апостол, во грнчарницата што се наоѓала во долниот дел на куќата. Во неа покрај грнчарските колца имало и печка. Подоцна на Апостол му помагале двајцата најстари синови Кочо и Димко. Помалите и сестрите, со таткото ги носеле и продавале на пазариштето. Од парите и продажбата живееле Солеви. Многу често и мајката Марија помагала, колку можела. Но, кога во 1936 година починал татко им Апостол, грнчарската работилница и грижата за семејството паднала на грбот на Димко.
Кочо Солев Рацин
„ Брат ми Кочо често одеше во Загреб, во Белград, во Софија и други градови. Повеќе пати беше осудуван и лежеше по затворите па затоа го немаше во нашата куќа. А кога ќе дојдеше во Велес постојано го следеа српските џандари. Тогаш заедно дење одевме во „Брца“, копавме глина а ноќе работевме. И одеднаш тој ќе се качеше на таванот. Тогаш јас знаев дека пишува. Ја палеше свеќата, го земаше перцето и седнуваше да го топи и да пишува. Го оставав оти ми беше јасно дека тоа што го пишува е за тоа што често ми велеше: „Ќе дојдат поубави денови а Македонците ќе имаат своја држава“. Ми велеше дека целиот свет е против фашистите и дека кога ќе се ослободиме на сите ќе им кажеме дека не сме ни Бугари, ниту Срби туку дека сме Македонци. Пред зори, кога веќе завршувавме со работа еднаш му реков: „Бате ајде жени се зашто и јас сакам да се женам“. Ме прегрна и ми рече: „Димко, жени се ти. Јас сеуште не сум ја нашол саканата. Има време за мене. Сега имам друга работа“. Потоа отиде на таванот повторно да пишува нешто. Подоцна разбрав се, дека ги пишувал песните, текстовите и секако писмата, дописките и преписките за партијата и движењето во кое беше внесен со сета младешка жар,“ продолжи да ми раскажува Апостол за тоа што го слушал од татко му Димко.
Димко со сопругата Галаба Солеви
Помладиот го послушал постариот брат . Димко во 1939 година се оженил со Галаба од селото Ораовец. Тие имаат пет деца: Вида, Апостол, Бошко, Донка и Ѓоре. За време на бугарската окупација, покрај Кочо и Димко учествувал во напредното движење во Велес.
По ослободувањето со радост целото семејство го чекало враќањето на Кочо за кого повеќе од една година немале никаков абер каде е. Мајката Марија со денови и ноќи седела до прозорот додека го чекала Кочо. Погледот стално и бил вперен во тесниот сокак за да не го пропушти мигот кога по стрмниот дел ќе го види својот најстар син. Но Кочо не доаѓал. Минувале денови и месеци. И се така додека не стигнал човекот што во куќата на Солеви го донел аберот : „ Кочо загина на Лопушник“. Од куќата на Солеви лелекот се пренел низ целиот сокак.
„Татко ми раскажуваше дека првиот лелек одекнал од баба Марија, плачела толку тажно и на цел глас што не само тетките и чичковците туку и сокакот одекнувал. Кој како слушнал доаѓал кај Солеви аза потоа да излезе и во плач да им кажува на другите дека Кочо загинал. Неговите посмртни останки ги пречекал целиот град а потоа во поворка и пеш ги испратиле до партизанските гробишта во црквата „Свети Пантелејмон“. Татко секој ден одеше на неговиот гроб се дури не ги откопаа моштите на сите загинати партизани и ги пренесоа во Спомен костурницата“, рече синот на Димко, Бошко.
Марија Солева со ќерките,синот и внуците
Се до 1960 година, Димко го прехранувал семејството од грнчарското колце. Но, кога порцеланот, пластиката и стаклото започнале да влегуваат во домовите на велешани повеќе немало работа за грнчарите. Тогаш Димко побарал помош и во 1960 година бил вработен во Порцеланка. Работел две години и одлучил повторно да му се врати на колцето во неговата куќа се до пензионирањето. Тој во чест и помен на својот брат на Рациновите средби, во спомен куќата на Солеви, секогаш ги чекаше гостите со ракија, мезе сирење, леблебија и локум. Секогаш им велеше: „Да се најде пред брат ми Кочо“.
Спомен куќата на Кочо Солев Рацин
И мене, како новинар меѓу нив.
Се сеќавам на еден настан што нема да го заборавам дур сум и јас жив. Присуствував на традиционална „Беседа за Рацин“ што на манифестацијата „Рацинови средби“ се одржуваше, се до пред некоја година, во родната куќа. Тоа беше во годината кога беседата ја држеше Страхил Гигов. Куќата беше полна со гости, од Македонија па и од цела тогашна Југославија. Беседата се држеше пред микрофон и озвучување што одекнуваше низ Рациновиот сокак. Гигов заврши со беседата и одекна гласот на Димко Солев со прашањето „ Страил, кажи кој го уби брат ми Кочо?“. Молкот зацарува, беше долг, поминуваа минутите а сите стоеја и очекуваа одговор на прашањето. Страхил Гигов не одговори. Димко не доби одговор. Озвучувањето се исклучи а гостите си разотидоа. Димко остана сам во куќата на Солеви. Јас бев меѓу последните што излезе.
По неколку денови кога се сретнавме во велешката чаршија Димко ми рече дека најмногу го болело тоа што не дозна дали Кочо трагично загинал или пак бил убиен по нечија наредба дека таа мистерија како грутка во градите му тежела. За жал со таа тежина Димко и си замина од овој свет.
Стоилко Андреевски
