Професор др Сашко Јовев – „Човекот срце“ : „Ако овде има награди за интелектуалци, многу добро знаеме какви интелектуалци досега родил Велес“

Објавено на 9 ноември, 2020 во 19:33

drSasoJovevnagovornica fin

9.11.2020

Изненаден, бескрајно среќен и искрен, лекарот кардиохирург што го предводеше македонскиот тим на првата трансплантација на срце во земјава проф. др Сашко Јовев, годинешниот добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“, не ги криеше своите емоции па ниту солзите што повеќе пати ги избриша додека го слушаше образложението зошто токму нему Општина Велес, годинава, му го доделува ова највисоко признание на 9 ноември, денот на градот. А текстот на образложението започна токму со неговата историска реченица за македонската кардиохирургија , дадена во првата изјава, после успешната трансплатација:

„Чекавме неколку минути. Молчевме. А потоа срцето почна да чука.“

drSasoJoveviAceKocevski fin

Тој во моментот на врачувањето на наградата повторно ја потврди високата професионалност. Застана гордо на говорницата и ги остави зад себе емоциите. Исправен пред микрофонот едноставно рече дека ако некој претходно го прашал која награда би сакал да ја добие во Македонија тогаш тој ќе одговорел: „ Токму наградата за животно дело „Гемиџии“. Појасни и зошто.

-Има повеќе причини, а истите би ги кажал наративно. Прво затоа што имам велешко потекло. Второ затоа што денеска е денот на ослободувањето на градот Велес а јас од своето семејство имам директни учесници во ослободувањето. Тоа се двајцата родени браќа на мојот татко, постари од него, а можеби и мојот татко кој што имал 11 или 12 години и вели дека бил курир. Трето, затоа што ова е награда за животно дело значи круната на мојот личен и на целиот тим е токму трансплантацијата. Притоа замислете дека Универзитетската клиника, државна Кардиохирурхија, е направена по 40 годишни обиди. Ретко зборувам во прво лице еднина но јас и сите околу мене успеавме да направиме Универзитетска државна Клиника за кардиохирургија после толку време, која се етаблира, која го работи севкупниот спектар на нормални операции, секојдневни, но и се што значи „стејт оф арт“ во хирургијата, во кардиохирургијата воопшто. Тоа значи дека ние во моментов работиме се што се работи во светот или хибридна хирургија, од имплантација до трансплантација. И уште нешто, воведување на специјализација по кардиохирургија, директна и шестгодишна, рече др Јовев.

drSaskoJovev fin

Тој образложи што значи за него името на добиената награда.

-За мене значи екстремна пожртвуваност, патриотизам, не себичност, но и интелектуализам. И се тоа проткајано со шарм и префинетост на почетокот на 20 век, каква само велешани можат да имаат. Се заблагодарувам и од името на моите многу драги колеги и соработници и тоа др Димче Славевски, одличен професионалец, др Тања Анѓушева со која соработувавме пост оперативно и др Александар Колев мој прв соработник од првиот ден на новата Универзитетска кардиохирушка клиника и прв специјализант по директната специјализација по кардиохирургија кој за еден месец треба да стане специјалист а за мене како негов ментор тој е веќе специјалист, додаде др Јовев.

drDimce Slavevski fin

Др Димче Славевски, специјалист анестезиолог, роден велешанец

drAleksandarKolevsoAce Kocevski fin

Др Александар Колев, специјализант по кардиохирургија, велешанец

На крајот и се заблагодари на својата сопруга Ана за поддршката во сите тешки моменти, соопшти дека без разлика што е само роден или што сега живее во Скопје, тој се претставува како велешанец и заврши со зборовите: „ Ако овде има награди за интелектуалци, многу добро знаеме какви интелектуалци досега родил Велес“.

DrSasoJovevsosoprugata fin

Проф.др Сашко Јовев со сопругата Ана Јовева  

Наградата за животно дело „Гемиџии“ на проф.др Сашко Јовев му ја врачи градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.