Сеќавања на една учителка: Плачам, секогаш кога ќе ја слушнам песната „Ми заплакало селото Ваташа“
14.11.2020
Сеќавањето на 86 годишната старица што прецизно го запишав започна вака:
,, Јас сум родена кавадарчанка, од стара фамилија, Јосифови, но сме познати како Бурилови, што всушност ни е прекар. Мојот татко Стефан имаше уште двајца браќа Душан и Диме, кои беа мајстори, тенеќиџии. Тие беа еснаф луѓе.
Во ,,српско“ започнав да учам прво одделение поточно во 1940 година. Првата учителка ми беше една прекрасна жена, Србинка. Се викаше Даринка Перовиќ. Таа со мажот и`немаа деца па затоа дома чуваше мала срна. Ја облекуваше, и врзуваше машни, како дете и беше. Кога срната почина , учителката организираше погреб на кој отидовме сите, целото одделение. Од учителката Даринка ми останаа пријатни сеќавања и научив многу за љубовта, правдата, пожртвуваноста.
Но, во месец март 1941 година српските учители и останатата администрација, како и свештениците, се повлекоа од службите во кои работеа. Ние, учениците тогаш останавме без учители, конкретно без учителка. По нив дојдоа Бугари. Тие ни доделија неколкумина бугарски војници кои не подучуваа на бугарската азбука, која моравме да ја научиме, за да продолжиме во второ одделение.
Со почетокот на учебната година и моето образование во второ одделение за учител ми беше назначен Никола Минчев, подоцна познат македонски политичар, кој воедно ми беше и сосед затоа што живеевме на истата улица, преку две куќи. Паметам дека тој често отсуствуваше од наставата, а еднаш кога ненадејно дојде и виде дека сме многу немирни, на сите во класот ни удри по две прачки по дланките. Нив ги паметам до денес.
Но не остана тој да биде нашиот учител во наредната школска година туку во трето одделение пред нас застана еден прекрасен човек што се викаше Минко Тодоров. Тој беше од од градот Шумен во Бугарија. Паметен, кроток, стрплив и беше добар со нас освен што од него многу научивме. Беше добар учител. Кога Бугарија капитулира тој избега од Кавадарци . Од него стигна писмо до браќата Шошеви, кои беа познати дуќанџии и негови лични пријатели за кое ми кажа мојата соученичка Мима Шошева. Во писмото учителот Минко прашувал за нас, децата од класот и Мима ми ја даде неговата адресата. Јас му напишав одговор и за чудо, учителот ми одговори со голема благодарност.
Зошто ова го кажувам? Некој велат ,, ги мразите бугарите“. Јас ќе додадем: „Не , народот меѓусебно не се мрази туку политичарите го замразуваат !“. И ќе додадам: „Нас никој не не` учел да мразиме“.
Но, мислата ми беше да ја кажам мојата верзија; како јас ја доживеав Ваташката епопеја. Кога ќе се присетам и сега, се наежувам. Грозно беше. Во летото 1943 година во нашиот дом, на Јосифови или Бурилови, како сакате така наречете не, кога дојде едно повеќечлено семејство од Ваташа. Тие на татко ми и мојте чичковци има кажаа: „Бугарите не протераа од селото, од куќите, а стока остана дома.“. Нам ни беше чудно па како е тоа можно !?
Тогаш, гостинката, тетка Цана, ја раскажа потресната приказна за настанот кој предходеше на протерувањето во Ваташа и за Моклиште каде бугарски војници и полиција масакрирала 12 ваташки младинци.
Фотографија од погибјата на ваташките деца
Моите братучеди Вера, Драга, Цвета и Тозо постојано плачеа. Тие беа врсници и добро ги познаваа сите младинци. И јас го знаев Блаже Ицев кој имаше едвај 17 години. Тој имаше дојдено кај нас дома. Блаже имаше и три сестри – Ката, Нада и најмладата Ѓура, која беше моја врсничка и учеше со мене. Дури седевме во иста клупа.
Во Ваташа имаше училиште само до четврто одделение. Сестрата на Блаже, Ѓура доаѓаше од селото да учи во Кавадарци. Таа по настанот во Ваташа постојано беше меланхолична и под стрес. Се случуваше да се расплаче на сред час, а јас често пати ја тешев и ја носев на чешма, да се измие. Девојчето сосема се промени.
Таа ми раскажуваше многу за случајот, кога за малку и нејзината сестра Ката ќе била стрелана. Но, за среќа четирите девојчиња останале живи. Од Ѓурѓа го имав слушнато следново за тоа време, кога Ваташа два месеци беше под блокада со протерани селани, сите до последен и животот целосно замрен:
„Момчињата беа поткажани од тројца мажи и една жена од Ваташа, закои се вели дека земале пари. Сите беа СКОЈ- евци и работеа за партизаните!? Најмладиот имаше едвај 13 години. Момчињата беа изрешетани со митролези, а потоа бодени со бајонети и касапени. На родителите не им беше дозволено ниту да ги погребат затоа што по масакарот ги фрлиле во плитка гробница, покриена со гранки.“
Една година подоцна се расчу дека во Софија, од новата влада на Бугарија , бил фатен полковникот Апостолов и предаден званично на македонските власти. Него го испорачале како воен злосторник. И другите учесници во масакрот во Ваташа беа фатени и изведени пред суд. Со одлука на судот беа стрелани.
Јас се сеќавам и на егзекуцијата на полковник Апостолов. Цело Кавадарци и Ваташа беше собрано на местото каде требаше да се изврши стрелањето на Апостолов. Го донесоа и оставија пред еден ѕид, на улицата над црквата. Десеттина војници носеа митролези. Татко ми Стефан не држеше пред себе, мене и сестра ми, велејќи ни да бидеме мирни. Не не` спречи да гледаме. Прво ја прочитаа Пресудата. Потоа војниците почнаа да го местат оружјето. Во тој момент собраниот народ без збор тргна кон полковникот. Ние од височинката гледавме како во тишина, без збор да изустат, луѓето прво ги заобиколија војниците со оружјето а потоа тргнаа кон осуденикот. Застанаа околу него. Имаше и жени од Ваташа кои во раце држеа камења. Тие први , како во некоја библиска сцена, го каменуваа полковникот Апостолов. Потоа продолжија останатите присутни. Апостолов сакаше нешто да каже, но не успеа од канонадата со камења која беше толку голема што го турна на земја и продолжи се додека телото на злосторникот не беше целосно покриено со камењата што беа само дел од правдата.
Овој момент ми е врежан во мојот ум, во душата го носам, цел живот и секогаш плачам кога ќе ја слушнам песната „Ми заплакало селото Ваташа“.
Фотографија од судењето на Љубен Апостолов
Инаку за името на полковникот Апостолов се поврзуваат и други злосторства врз цивилно население во тиквешијата, поточно во селата Шивец, Ресава, Ваташа и Праведник. Во нив над 50 селани се убиени, а други интернирани.
По војната таткото на мојата другарка Ѓурѓа и убиениот брат Блаже Ицев неколку пати дојде во дуќанот кај татко ми. Тој никогаш по смртта на своето чедо не се пострижа и избричи. Затоа имаше брада и коса до појасот.
По се ова, сега, некој да те натера некого да сакаш или да мразиш!? Не може така! Љубовта и омразата доаѓаат од срцето. Не може на овој народ да му се каже кого да сака , а кого не!
Барем да дојдеше некој званично да им се извинеше на ваташани. А ваму корени се бараат. И заедничка историја. Да, ја имаме, ама тој стап има два краја..
Ова сакав да го кажам, да остане запишано. Својот учител од Шумен не можам да го мразам, како ни првата моја учителка од Србија. Тое беа луѓе, ме описменија, ме учеа и ме задолжија.
Можеби, токму поради нив изучив и бев учителка. Но јас никогаш и никого, не учев да мрази! “, заврши старицата.
Ова се дел од сеќавањата на мајка ми, која никогаш ни мене не ме учеше да мразам.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов
