За 62 отсто намален бројот на сообраќајки со тешки повреди во Велес
16.12.2020
На територијата на СВР Велес, во месец ноември годинава, има евидентно намалувањето на сообраќајни незгоди, осбено оние со тешки телесни повреди, кои се намалени за 62 отсто во споредба со истиот месец од минатата година. Намален за 67 отсто е и бројот на загинати лица, а за 28 отсто вкупниот број на сообраќајни незгоди.
Ова го изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Велес. Во градот Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот.
Во контролата санкционирани се 91 возачи, меѓу кои 11 за возење без возачка дозвола, 14 за возење нерегистрирано возило, а санкционирани се и седум возила кои вршат јавен превоз.
-Евидентно е дека имаме подобрување на дисциплината на возачите на целата територија на државата, како резултат на овие засилени контроли, што пак се рефлектира и на значително намалениот број на сообраќајни незгоди и жртви. Споредено ноември 2020 година со ноември 2019 имаме за 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, за 36 отсто намален број на загинати лица, за 75 отсто намален број на загинати пешаци, а за 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди, додаде Ангеловски.
Засилените сообраќајни контроли на МВР продолжуваат и во наредните денови од каде апелираа граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
Убавка Јаневска