Како Јосип Броз Тито го дегустираше познатиот „Велешки вињак“
27.03.2021
Честопати седнувам со велешани, пријатели, познати и непознати и слушам ретки и особено интересни приказни од велешката чаршија и историја. Разни човечки приказни, мали или големи, се редат во мозаикот наречен „Велес“. Последниот таков ,,муабет“ беше со мојот стар пријател Јосиф Коларов, пензиониран наставник по математика и последен директор на Основното училиште ,,Трајко Андреев“, пред да биде расформирано.
Се познаваме поодамна, а сега заеднички теми ни се копаничарството, цртежите и старите фотографии на Велес. Но, неретко тема се и приказните од велешката чаршија.
Јосиф ми раскажа една приказна за многу добро познатиот велешки вињак што на времето го произведуваше Агрокомбинатот „Лозар“:
,,Мојата фамилија многу одамна дошла во Велес и купила турска куќа веднаш до куќата на Касапови, која тогаш уште не била направена. Ова троспратна куќа станала дом на Коларови кои биле наречени по дедо ми кој по занимање бил колар.
Татко ми Панче имаше сестра Василка, учителка и брат Тошо. Тие тројцата уште пред Втората световна војна се приклучиле кон напредната велешка младина и учествувале во повеќе активности , кои властите не ги дозволувале.
Во 1939 година, Јордан Лазаревски Цвајот ги примил тројцата во редовите на Комунистичката партија. Тоа биле тешки времиња и татко ми завршил во логор во бугарскиот град Русе, а чичко ми бил осуден на 100 години затвор и бил затворен во затворот во Идризово. Само сплет на околности допринел тие да се спасат и кога се вратиле во Велес, веднаш заминале во партизани.
Пред самото ослободување на Велес во 1944 година Штабот на НОВ и членовите на Владата биле во Горно Врановци од каде по ослободувањето на Велес дошле во нашата куќа и го одржале првиот состанок. Мојот дедо Петре ги пречекал со прашањето ,,Ги избркавме ли кучињата?“, а потоа се поздравил со секој од нив. Утредента починал, на 105 годишна возраст.
По ослободувањето, чичко ми Тошо бил првиот Воен командант на град Велес и продолжил да работи како воено лице, а потоа по пензионирањето замина во Белград. Не доаѓаше многу често во Велес, но секогаш доаѓаше за 9 Ноември и присуствуваше на свечената седница на Општина Велес.
Но да ви ја раскажам приказната за велешкиот Вињак што започнува токму во една таква пригода. Семејството се собра на ручек по повод доаѓањето на чичко Тошо и јас случајно токму тогаш од некого добив две шишиња велешки вињак од Винарската визба на АК ,,Лозар“. Пијалокот сеуште званично не беше ни пуштен во продажба.
Тошо Коларов
Чичко ми не беше голем љубител на жестоки пијалоци, но на мое инсистирање понесе едно шише за Белград. По неколку дена чичко ми веднаш ми се јави и онака војнички ми рече: ,, Како знаеш мораш да ми најдеш триесетина литри од вињакот !“.
Ме стави на големи маки. Сите со кои што контактирав уверуваа дека не може да се најде толкава количина од вињакот. Тој бил запечатен во буриња и дури за 2 месеци можел да се користи. Му го кажав тоа на чичко ми, а тој веднаш завртил неколку телефони и на крај ми рече:,,Чекај ме вечер, доаѓам со експресот!“
Наредниот ден отидовме кај Генералниот директор на АК ,,Лозар“ Трајан Николов. Тогаш чичко ми кажа официјално дека всушност „вињакот треба да биде за другарот Тито!“ Тој ја раскажа пред нас и приказната за тоа како велешкиот вињак дошол во „рацете на Тито“.
Имено, тој беше Претседател на Здружението на воени инвалиди на Белград кај кого често доаѓале борци, херои од војната, генерали и тој имал желба да ги почести со нешто ,,велешко“.
Токму тогаш поминал генерал Милан Жежељ и низ разговор чичко ми го послужил со чашка велешки вињак. На Жежељ многу му се допаднал пијалокот и побарал да земе едно шише, бидејќи ќе одел кај Тито да играат билијард, па сакал да се пофали. Чичко ми му дал едно полно шише, со напомена дека нема повеќе кај себе.
Утредента генералот се јавил и му кажал на чичко ми дека и на Тито многу му се допаднал вињакот и прашал дали може да нарача уште триесетина литри од велешкиот Вињак?
Тогаш директорот Николов почна да врти телефони и на крај рече дека ќе направи напори за наредниот ден да биде набавена потребната количина. Го исполни ветувањето. Наредниот ден се јави, а јас и чичко ми отидовме кај него да ја земеме количината на шишиња од „Велешки виљак“. Кога стигнавме чичко ми му се извини на Николов за нередот што ја направивме и го праша колку чини да си го плати пијалокот. Но, Трајан со насмевка му рече дека тоа е малку што може да се направи за човек како Тито и дека вињакот ќе биде подарок од АК ,,Лозар“ и од градот Титов Велес!
Чичко ми Тошо се заблагодари и вечерта замина за Белград со пијалокот. Тој се јави да го пречекаат на железничката станица. Тука мислев се` се заврши, но по неколку дена чичко Тошо се јави и до крај ми ја раскажа приказната за тоа каде и како заврши количината на „Велешки вињак“.
,, На железничката станица ме дочека кордон гардисти. Ми помогнаа да се симнам од возот ми ги подземаа работите. Потоа ме однесоа до дома. Вињакот замина со посебно возило. Наредниот ден ме побара Титовиот ордонанс и ми рече: „Утре во 12 часот Тито те бара да те види. Јас бев навистина малку збунет и возбуден, но на средбата со Тито доживеав среќни мигови. Имено, Тито ми рече дека вечерта имал средба со неколку Амбасадори и ги послужил со вињакот. Тие погодувале каков и од каде е овој пијалок, но Тито со насмевка им одговорил дека тоа не е ниту француски, ни американски или друг бренд, туку дека тоа е пијалок кој се произведува во Македонија и дека гордо истакнал дека е од градот кој го носи неговото име. Потоа Тито го прашал чичко ми Тошо колку е должен да плати за пијалокот, а чичко ми рекол дека велешани не му наплатиле ниту нему, а камо ли да побараат такво нешто од Тито.“
Така завршува приказната за велешкиот вињак кој завршил на дегустација кај Јосип Броз Тито.
Велес, мозаик од приказни, случки, кажувања, вистини, настани… Не сум субјективен кога велам: „Затоа си го сакам“.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов