Апелација одлучи: за убиството во Ореше пак ќе суди судот во Велес
Апелацискиот суд во Скопје не го прифати барањето на судот во Велес за изземање од предметот за нарачаното убиство во Ореше, па предметот, со нови судии наскоро треба да почне по четврти пат пред овој суд.
Судот во Скопје, во решението констатирал дека не постојат причини за делегирање на надлежноста пред друг суд.
-Кривичниот совет на Апелацискиот суд во Скопје утврди дека судот во Велес е месно надлежен да постапува по овој предмет, бидејќи делото е сторено на негова територија, постапката почнала и се водела пред него, а во Основниот суд во Велес има доволно судии кои до сега не биле инволвирани во постапката од кои може да се состави нов кривичен совет кој ќе суди – изјави за „Дума.мк“ портпаролот на судот, судијата Сафет Кадрии.
Апелацискиот суд Скопје го разгледувал барањето на судот во Велес за негово изземање и според член 31 од ЗКП, но не нашол основ дека судот е спречен да постапува по предметот.
Велешкиот суд претходно донесе две пресуди, со кои за извршеното убиство на Лазо Милошевски од селото Ореше ги осуди браќата Ордан и Љубе Ѓорѓиевски на казни затвор од по 12 години. Скопскиот суд ги укинуваше овие пресуди и наложуваше ново судење. Третата пресуда беше ослободителна, бидејќи заштитениот сведок Златко Арсовски, алијас „Бреза“ побара да му се укине заштитата и под вистинскиот идентитет тврдеше дека изјавите што ги дал како „Бреза“ биле лажни.
Во постапката му се суди и на Ѓоре Петровски, како нарачател на убиството. Досегашниот судија во предметот „Ореше“ Иле Танев и јавниот обвинител Ивица Ефремов, неправосилно се осудени од страна на Кривичниот суд во Скопје и се во притвор до правосилноста на пресудата, во случајот „Ликвидација“ каде што беа опфатени повеќе лица од Скопје и Велес.
Во меѓувреме, обвинителството поднело барање за спроведување на истра против Златко Арсовски, каде што треба да одговара за давање на лажен исказ. По донесување на решението на апелацискиот суд, кое утрово стигнало во судот во Велес, велешките судии треба да определат датум за судење. Терминот, за почеток на судењето по четврти пат, најрано би можел да биде во март, вгодина.
Саше Димовски