Според првичните информации, човечки фактор бил причина за синоќешната железничка несреќа кај Рајко

Објавено: 16 декември, 2013, во 11:36 часот

Сигналните уреди на местото на синоќешната несреќа на пругата, на железничката станица „Рајко Жинзифов“,крај Велес  функционирале беспрекорно. Најверојатно  причина за сударот на патничкиот и товарниот воз е човечки фактор. Ова го соопшти денеска на прес-конференција директорот на МЖ Транспорт, Оливер Деркоски.

Во несреќата е причинета само материјална штета, жртви нема а повреден бил само кондуктерот на патничкиот воз кој сообраќал од Скопје за Гевгелија. Тој се здобил со лесни повреди. Причинетата штета се утврдува.

ЈП „Македонски железници“ го очекува извештајот од Комисијата која работи на расветлување на целиот случај. Документот ќе треба да биде готов до задутре.

Железничката несреќа се  случи синоќа во 17.55 часот на излезот од станицата „Рајко Жинзифов“ кога патничкиот воз стоел во моментот кога на друг колосек низ станицата минувал товарниот воз. Кога возовите биле блиску, еден до друг, се случило удирање на вагоните од двете композиции. Од силата на удирањето товарните вагони и локомотивата исклизнале од шините.

Од МЖ Инфраструктура синоќа најавија дека ќе ги отстранат вагоните и локомотивата и уште денеска во попладневните часови ќе ја оспособат пругата за сообраќај. Железничкиот сообраќај е во прекин.

Синоќа, во моментот на несреќата, во возот од Скопје за Гевгелија патувале 150 граѓани од повеќе градови во Повардарието. Дел од нив сведочеа што точно се случило на станицата „Рајко Жинзифов“.

Ако се утврди дека причина за несреќата е  човечки фактор од ЈП Македонски железници најавија откази и надоместување на штетата од оние што ја предизвикале несреќата./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.