Децата ја одржуваат старата традиција на пишување новогодишни честитки
Објавено: 14 декември, 2013, во 15:48 часот
Осумгодишната Мартина Јаневска денеска ги избра честитките со кои ќе им ја честита новата година на другарчињата од III а одделение во основното училиште „Благој Кирков“ и на роднините. Тие беа најубавите на локалната тезга пред зградата на велешкиот суд. Од нив Дедо Мраз се насмевнуваше и скоро на сите ја носеше на својот грб или на санката со ирвазите торбата полна со новогодишни подароци.
– Оваа честитка ќе му ја испратам на Дедо Мраз и на неа ќе ја напишам мојата новогодишна желба. И ќе го очекувам да дојде во новогодишната ноќ за да го остави подарокот под мојата елка. Неможам да ви ја кажам мојата желба затоа што таа е тајна, ќе ја знаеме само јас и Дедо Мраз и ќе видам дали тој како и во претходните години навистина ќе ми ја оствари, рече Мартина.

Пред да ги оставиме со мајка и да ги доизберат сите честитки за нејзините другарчиња и за братучедите Мартина ни рече дека секоја година пишува лични и честитки од нејзиното семејство. Дека сосема не престанала добрата стара традиција на пишување новогодишни честитки тврдеа и продавачите. Тие годинава обичните ги продаваат од 2 до 5 денари и честитките во плика за 20 денари.
– Задоволни сме од продажбата, секоја година ни се враќаат старите добри муштерии, децата. Тие најмногу уживаат додека избираат честитки. Се разбира задолжително на нив треба да го има ликот на Дедо Мраз потоа подароците и се разбира снегот. Јас се прилагодувам на овие барања и така го правам изборот на честитките, рече една од продавачките.

Во разговорот се вклучија и останатите кои деновиве на тезгите на платото пред судот освен честитки продаваат елки, новогодишни лампиони, украси, гумени балони и задолжително Дедо Мраз. Скоро сите констатираа дека побарувачката од година во година е се помала. Најзадоволни се сепак продавачите на честитки.
– Да бидам искрен, најсреќен сум кога дете ми купува честитка. Ги гледам додека ги избираат и знам дека тие нема да дозволат никогаш да се прекине традицијата на пишување на честитки. Ова интернетов прави чуда. Електронските честитки ни го намалија прометот но пак ќе речам додека има деца ќе има и честитки, рече продавач.

Стотина метри погоре од тезгите, на главната улица во Велес, се наоѓа зградата на поштата. Таму ја нема вообичаената новогодишна честиткарска гужва. Пред десеттина години шалтерските работници едвај стигнуваа да ги примат сите новогодишни честитки а поштарите навреме, пред новогодишната ноќ да ги однесат на адресите на велешани. Ги прашавме како е сега.
– Доаѓаат граѓаните и праќаат честитки но не во толкав голем број како порано. Го живееме времето на компјутерите и интернетот а има и почитувачи на старата традиција, рече вработен во градската пошта.
Неговото мислење го споделија и дел од граѓаните кои беа присутни во зградата. Најубавото празнично чувство дека се испраќа старата и се влегува во Нова година сепак се доживува кога и некому се пишуваат честитки, се честита или се добива новогодишна честитка.
Од новата година не делат седумнаесет дена. Уште толку време ни останува на сите да ја напишеме својата новогодишна честитка и некому да ја испратиме. Не секогаш тоа мора да биде Дедо Мраз, нели?/Б.Н


