ЈКП „Дервен“ даде отчет за сработеното – лани, со добивка од 5 милиони денари
Годинава до октомври нема да се покачи цената на водата за пиење за велешани. Дотогаш ЈКП Дервен има договор со јавното претпријатие за водоснабдување Лисиче, соопшти денеска директорот за финансиски и правни работи на „Дервен“, Александар Бузалков .
Тој ги објави и резултатите од ланската работа на јавното претпријатие според кои сите работни единици оствариле позитивни резултати, платени се сите трошоци, на вкупно 301 вработен им се исплатени платите со платени придонеси и платени се двете рати, 17 и 18 од кредитот МЕАП. Него градот го зема пред десет години и ја изгради водоводната мрежа со што го подобри квалитетот на водоснабдувањето на велешани. Од тогаш до денеска граѓаните пијат здрава и квалитетна вода за пиење чија состојба секојдневно се следи а новите резервоари се приклучуваат на скада системот кој овозможува далечинско следење на нивото на водите во резервоарите. Ноќното собирање на сметот покажа резултати како и чуварската служба на гробиштата на двете цркви во градот како и на новите во Раштани. По реевиденцијата на парцелите на црквата „Свети Спас“ годинава со иста постапка ќе се опфатат и гробиштата на „Свети Пантелејмон“, рече Бузалков .
– Според официјалниот извештај за работа во последните девет месеци на претпријатието остварен е позитивен финансиски резултат некаде околу 5 милиони денари. Истиот континуитет се задржа и во последниот квартал на 2013 година. Би сакал да им се заблагодарам на граѓаните на Велес за досегашната соработка и да апелирам да ги засилат нивните заложби за зачувување на животната средина и да го задржиме градот чист како што заслужува да го имаме како и да апелирам водата за пиење рационално да се користи како ресурс кој е потребен на сите и за домаќинско однесување кон урбаната опрема и цветните насади кои го разубавуваат Велес.
Од комуналното претпријатие соопштија дека деновиве ја почна реконструкција на училишниот двор на основното училиште Васил Главинов. Одговорија на новинарско прашање зошто се исечени неколку дрвја.
– Се сечат дрвја кои се исклучиво стари, деградирани и опасни по околината, што се нестручно насадени или дрвја што се родни и не се прилагодени за парковски површини или евентуално кога имаме потреба при подигање на нови зелени површини што не ни се вклопуваат во проектот што сме го планирале за таа зелена површина, рече раководителот на работната единица Паркови и зеленило, Тања Арсевска.
Годинава според програмата за работа ЈКП Дервен планира уредување и на паркот Гемиџии 2 кај Автобуската станица. Во 2014 година не е планирано доуредување на централниот Градски парк./Б.Н