Две децении јога друштво „Велес“
Пред гостите од општината, граѓанските здруженија од Велес и колегите од останатите градови во Македонија, членовите на јога друштвото во Велес ја раскажаа својата успешна приказна со која одбележаа 20-сет годишниот јубилеј. Приказната која зборува за долготрајната предаденост, непрекинливиот напор, мирната скромност и љубовта кон она што го прават ја раскажа Анастазија Терзијева Илиева, постар инструктор по јога и претседателот на Друштвото.
– Иницијативата на неколкумина индивидуалци прерасна во сериозно здружение со долгогодишна традиција. Десетици луѓе поминаа низ него и сите тие тука за прв пат се среќаваа со јогата. Има причини поради кои тие и понатаму доаѓаат и, уште поважно, остануваат во јогата. И се тоа го поттикнува наставниот кадар кој приказната за јогата несебично ја раскажува во овој град веќе 20 години, рече Терзијева Илиева.
На јубилејот на велешкото јога друштво беа презентирани фотографии сликани на патувањето во Непал на велешкиот фотограф Дејан Ристовски. Низ прикажаните 40-тина фотографии до присутните стигна мирисот на Хималатие, нивната широчина и големина, насмевката на жителите на Непал и погледот на љубопитните очиња на нивните дечиња.
Свој музички перформанс изведоа пијанистката Ана Арангелова мецо сопранот Марта Ризова, гости од Кавадарци.
Присутните го проследија и предавањето „Јогиската култура како учење и како чин“ на учителот по јога Павлос К. Хасанагас, основачот на Јога-сојузот на Македонија, чија членка е друштвото од Велес. Тој говореше за доблестите кои јогата ги унапредува во градот и државата како и оние кои ги гради создавајќи една нова култура.
– Јогата како духовна дисциплина, уметност и наука ни овозможува отворање кон посуштинските вредности на живеењето и облагородување на нашиот живот во целина, рече учителот Хасанагас.
Инаку Јога-друштво „Велес“ е член на Јога-сојузот на Македонија. Во Друштвото се предава интегрална јога според системот на учителот Павлос К. Хасанагас.
Низ 20-те години континуирана активност, Јога-друштво Велес ја промовираше културата и знаењето за јога не само како древна и далечна дисциплина корисна за здравјето на човекот, туку и како интегрален дел на секојдневното живеење и во спрега со него.
Како комплексен систем на практични и филозофски сознанија со докажани импликации врз психофизичкото здравје на луѓето и нивната целокупна активност.
До сега има организирано голем број на едукативни курсеви, јавни предавања и предавања од општ и специјализиран карактер, семинари на републичко ниво, како и други културни манифестации од значење за јавниот живот на градот./Б.Н