(Фото) На пазарот денеска килограм костени за 150, ореви за 100 а мигдали за 70 денари
Објавено: 5 јануари, 2014, во 13:05 часот
Бадниковите гранчиња беа најбарани денеска на централниот градски пазар. Продавачи имаше на секој чекор како во пазариштето така и по улиците низ градот. Тие за 10 денари го продаваа гранчето бадник аранжирано со зеленило. Примамливата цена ги мотивираше граѓаните да купуваат . Количините кои беа претпладнево продадени покажуваат дека утревечер нема да има дом без бадниково гранче во Велес.

Костените најмалку се купуваа денеска од пазарските тезги. Цената од 150 денари за килограм беше скапа за граѓаните. Тие ги испразнија тезгите со ореви и мигдали бидејќи првите се продаваа за 100 а вторите за 70 денари. Се купуваа цели и парчиња од тикви по примамливи цени од 20 до 35 денари за парче.

Добар пазар направија и продавачите на овошје. Потокалите ги продаваа од 20 до 40 денари за килограм, мандарините за 60, бананите за 50 а јаболката за 25 денари. Двета и педесет грама сушени смокви чинеа 30 или 40 денари додека урми, модри сливи и кајсии се продаваа за 50 денари. Само брусницата, во истата количина, чинеше 100 денари.

Зеленчукот ја имаше стандардната цена, зелената салата чинеше 20 денари колку и врзопот млад лук, 10 денари младиот кромид и 15 денари за врзоп роткици. Зелката се продаваше за 10 и за 20 денари парче, во зависност од големината.
На пазарот имаше и свежа езерска риба. Килограм крап чинеше 120 денари.

По денешното пазарување во домовите на граѓаните започнува подготовката за бадниковата вечера, утревечер, како и за ручекот за Божиќ. Сепак денеска најчеста тема на граѓаните, претжно мажи, беше подготовката за коледето, огновите кои вечерва ќе се запалат низ улиците во градот. Празничната атмосвера почнаа да ја загреваат зурлите и тапанот на Арзиови./Б.Н





