(ФОТО) Живеат под ведро небо и делат корка леб со кучето, нивниот верен чувар
Објавено: 5 јануари, 2014, во 09:28 часот
Секој ден седат или спијат на клупите меѓу кулити и дворот на касарната а ноќе засолниште бараат во сутеренот на помошните скали околу плочата на зградите. Картоните се нивна постела. Немаат перници ниту јоргани. Легнуваат и стануваат во облеката која ја имаат на себе. Тие се четворица велешани, бездомници, и секој од нив има своја животна приказна. Во една епизода , оваа последната, уличната, има место и за нивниот верен чувар, кучето кое со нив заслужено го дели лебот и остатокот од храната бидејќи ги чува кога спијат.

Сабри и Саба, се син и мајка, чии татко и сопруг, ги избркал од домот во населба Рамина. Тие дење собираат пластични шишиња, ги сортираат и ги предаваат. Така заработуваат за храна.
– Татко ми кој е пензионер не избрка од дома. Тука сме подолго време бидејќи нема кај да одиме. Со мајка ми собираме пластични шишиња и скоро секој ден заработуваме по 500 денари. Од нив купуваме храна и така преживуваме ама немаме пари да платиме ќирија и да пикнеме глава под покрив. Тука во оној ќош, кај картоните спиеме ноќе. Не ни е страв оти не сме сами а имаме и чувар. Ова куче не дава никому да припари до нас, рече Сабри.
Тој сака да го промени начинот на живот. Му треба постела, топла соба и бања. Сабри бара работа за која вели дека никој досега не му ја дал. Би прифатил да работи се, само за себе и за мајката, да најде спас од студот и од улицата.


Од нив никако не мислат да се одделат другите двајца велешани, Бранко и Иван. Тие имаат семејства кои секојдневно доаѓаат, ги бараат и ги молат да се вратат дома. Но, двајцата мажи ги бркаат или бегаат од нив бидејќи се болни, имаат психички проблеми, раскажуваат граѓаните од околните згради.
– Не додеваат, не прават проблеми ама не треба вака да го живеат животот. Сега е зима и ноќе сепак студи, како им е само они си знаат. Ако фати јак студ како ќе преживеат кој да знае, коментираа продавачите во продавниците под двете кули.
Додека јануарското сонце ги грееше клупите во паркот Бранко спиеше а Иван остана да седи. Сабри и Саба тргнаа на работа. Со нив замина и кучето. На заминување довикнаа : „Ќе се вратиме вечер и ќе донесеме храна“.






