И велешката болница купува опрема
Наскоро со неколку нови медицински апарати ќе биде опремено интерното одделение. Двa апарати ЕХО, еден ЕКГ , по еден Холтер за аритмија и за висок крвен притисок , стрес тест апарат, дерматоскоп и уште неколку други се планирани како дополнителни на одделението со што специјалистите по интерна медицина ќе почнат да работат кабинетски.
Болницата од сопствениот буџет издвоила 2 милиони денари за потребната медицинска опрема. Сега се чека на потпишување на договорите со дистрибутерите. Ако тоа според најавите се случи наредната недела тогаш до крајот на месец јануари новата опрема ќе треба да биде стигната во болницата.
Процесот на монтажа е краток и нема да одземе ниту ден повеќе од предвиденото време . Пациентите веќе во февруари, годинава ќе можат да ја користат опремата.
Идентични видови на медицински апарати има и во специјалната болница за лекување на белодробни заболувања „Јасеново“. И тамошниот директор д-р Гоце Бузалков најави набавка на стрес тест апарат како и на холтери па директорот на велешката Општа болница д-р Атанас Василев го прашавме дали станува збор за натпревар поттикнат од ривалство помеѓу двете болници или за борба за зачувување на пациенти .
– Не, неможете така да гледате на опремувањето на болниците. Секогаш треба да се гледа како на иницијатива со која се подигнува квалитетот на здравствената услуга. Опремата што ние ја купуваме ни е неопходна за целосно да го реализираме проектот за работа во кабинети на специјалистите по интерна медицина. Апаратите се неопходни и по 10 години ќе бидат први што се купени од наша страна како најсовремени а ќе бидат ставени во функција на дијагностика, рече д-р Василев. /Б.Н