Иницијатива: Минимален достоинствен приход за социјално загрозените семејства

Објавено: 12 декември, 2013, во 10:43 часот

„ Се разликува животот на граѓаните во главниот град на државата и во внатрешноста. Во Скопје се добива повисока плата а граѓаните во останатите градови работат  и за месечна заработувачка од само 50 евра. Тешко се живее кога ќе останеш без работа на педесеттина и повеќе години бидејќи никој работодавец не сака да ти даде шанса до правото на пензија. Доцнат исплатите на социјалната помош, на државната помош за социјалците за огрев. На студентите им даваат стипендија а нема помош за родителите на деца до петто одделение кои имаат големи трошоци за облека и ученички прибор“.

Ова се ставови и мислења на присутните велешани на синоќешната трибина на неформалната група граѓани и граѓанската иницијатива „8-ми септември“ посветена на обезбедување на минимален достоинствен приход и подобар живот за социјално загрозените групи на граѓани во државата.

– Во продавници и маркети во Велес се работи за 3 илјади денари, во погоните на фирмите за нешто повеќе. Дали оваа плата значи гаранција за живот, рече велешанец.

– Јас бев вработен во Порцеланка седумнаесет години и сега сум стечаец. Што се случува сега. Право на надомест од државата добија само моите колеги кои имаат стаж од 25 години а што ке биде со нас, со оние кои имаат помалку работен стаж и никој не ги сака на работа, праша граѓанин.

– Државата на студентите им дава 200 евра, годишно а на децата, ученици во основно училиште ништо. Занчи овие дечиња не јадат, не им треба облека, училишен прибор. Кој ги прашал нивните родителите имаат ли пари за училишна ужина, за Развигорче, за блок, боици, тетратки и помагала. Каков е тој закон, кое е тоа правило и кој го напиша за со него да се помагаат само студени, рече велешанец.

На трибината се разви дискусија за минималниот достоинствен приход на граѓаните , за посигурниот достоинствен живот преку кои ќе се избегне создавањето на категоријата беспомошни и исклучени граѓани, за тоа како да се обезбеди достоинствена работа без да се прифаќа секоја подадена можност, за начините на одржување на семејството и градењето на позитивни семејни односи, за сигурните приходи со што ќе се поттикне трошењето на сретства за намирници и сервиси што преставува одржливост на економијата и за зајакнатиот социјален капитал во државата со што ќе се обезбеди социјално кокохезивно општество со помал ризик на социјален немир.

Воведничарите на трибината Џелал Хоџиќ и Мила Царовска рекоа  дека во Македонија релативната сиромаштија порасна од 19% во 1997 година на 30,4% во 2011 година, две декади невработеноста не се спушта под 30%, бројот на приматели на социјална помош драстично се намали за 40% во периодот 2007 – 2012 година, додека релативната сиромаштија се зголеми за 1%, воведената минимална плата нема голем ефект врз сиромаштијата затоа што најкритичните сектори не се покриени со оваа политика додека минималната плата не соодветствува со реалните трошоци на живот. Највисоката бруто плата порасна за повеќе од четири пати во периодот од 2008 до 2011 година или во 2011-та година беше 245 пати повисока од просечната плата и 631 пат повисока од минималната плата во повеќе сектори. Највисокиот приход во 2011-та беше 425 пати повисок од просечната бруто плата. Џини индексот, за неадекватна распределба на богатството во една држава, во 1998 година беше 28, 1 а во 2009 изнесува 43.

– Оваа состојба може да се промени со воведување на политика за минимален достоинствен приход во Македонија, рекоа Хоџиќ и Царовска.

За таа цел граѓанската иницијатива „8-ми септември“ ќе предложи измени на постоечкиот закон за социјална заштита и предлог мерки за зајакнување на социјална состојба на социјално загрозени лица до Владата и единиците на локална самоуправа во државата.

Иницијативата ќе треба да биде поткрепена со граѓански потписи. За таа цел ќе се отворат пунктови за собирање на потписи во сите градови низ државата.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.