Инвестирајте во Велес, бара општината од бизнисмените и нуди плацеви по 1 евро од м2
Две нови индустриски зони пред бизнисмените од градов денеска промовираше локалната власт. Речани 2 со површина од 14 ха и Каласлари со 24 ха се локациите каде ќе се гради инфраструктура за изградба на индустриски капацитети. Деталниот урбанистички план за зоната во Каласлари е веќе изработен и таму ќе има вкупно 7 парцели, со површина од 5 000 м2 па се до 10 ха, додека за Речани 2 ќе биде готов до први април и ќе има 6 парцели со големина од половина декар.
– Чувствувавме потреба да ги презентираме двете зони пред домашните бизнисмени, но тоа не значи дека ќе ги изоставиме странските бидејќи во иднина ќе ги поканиме и ќе организираме уште една презентација. Сепак сакаме да најдеме начин како на сите да им овозможиме подеднакви услови за отворање или проширување на веќе постоечкиот бизнис. Ќе сториме се, заедно со општинската администрација за да создадеме простор за отворање на нови работни места, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Откако ја погледнаа презентацијата стопанствениците главно беа заинтересирани за да искористат дел од понудениот простор, но сепак општината им остави рок до петок да ги достават своите предлози и на писмено.
– Добро е што може да се дојде до поголем простор каде ќе бидат лоцирани сите мои фабрички хали на едно место, бидејќи дел од нив се наоѓаат во градов, но и во другите градови од земјава. Доколку функционираат зоните јас сум подготвен да ги дислоцирам погоните бидејќи редно време е тие да се најдат во една таква индустриска зона, рече сопственикот на Леов Компани, Трајко Леов.
И од регионалната стопанска се задоволни од соработката со општината, но се надеваат дека овој пат стопанствениците парцелите ќе ги купат со комплетна инфраструктруа.
– Ние во претходните индустриски зони купивме парцели, но таму немаше донесено струја и вода. Мислам дека тоа мора да се промени и во иднина стопанствениците мора да бидат погласни за да го добијат она што им било ветено“, рече бизнисменот Трајче Трајков, претседател на Регионална стопанска комора.
Градоначалникот пак вели дека дел од бизнисмените кои одамна купиле парцели во индустриските зони не ги испочитувале договорите и може да се соочат со нивно раскинување. Инаку метар квадратен во индустриските зони ќе се продава по 1 евро и тоа на јавно наддавање./Б.Н.