Претседателот Иванов oд Велес: Македонија да стане членка на НАТО
Објавено: 1 јануари, 2014, во 13:25 часот
„Република Македонија да ја оствари стратешката цел и да стане членка на НАТО“, порача на денешната средба со припадниците на АРМ, Претседателот и Врховен командант на воружените сили на Република Македонија, Ѓорге Иванов. На традиционалната првојануарска средба со старешините и војниците во Командата за обука и доктрина на АРМ во Касарната Алексо Демниевски Бауман во Велес, Претседателот Иванов, им се заблагодари за високопрофесионална при извршувањето на обврските на сите припадниците на Армијата на Република Македонија.
– Воедно ова е момент да ги поздравиме и сите припадници на АРМ во мисиите во странство и да им ја честитаме новата година. Како и секоја и оваа година желбата ни е да ги оствариме стратешките цели а тоа е Македонија да стане членка на НАТО, рече Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на војниците во Обучниот центар во Велес им подари лед телевизор. Тој во исто време упати новогодишна честитка и до граѓаните на Република Македонија.
– ИМ посакувам лична среќа, годината да им мине во убаво расположение и се што посакуваат да им се исполни, ним и на нивните семејства, рече Иванов.
При посетата на касарната во Велес, претседателот Иванов беше придружуван од началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Горанчо Котески. По официјалниот дел Иванов имаше заеднички ручек со припадниците на АРМ на кои присуствуваа и градоначалниците од централниот дел на Македонија.



