Изгоре куката на семејството Калинови во центарот на Велес
За само половина час пламени јазици ја проголтаа, доцна попладнево, семејната куќа на двајцата браќа Калинови во населбата Дворови во центарот на Велес. Мајка им, Ставрула и сопругата на едниот од браќата завршија на хирушкото одделение во велешката болница. Свекрвата поради загушување, снаата поради преживеаниот шок. Во шок е и соседката Стојанова Петранка која од работа дотрчала кога и кажале дека и нејзината куќа е зафатена од пожарот.
– Видете ме, во работно одело стигнав и многу се исплашив за безбедноста на сопругот и децата. Кога стигнав ми кажаа дека пожарникарите дошле по 15 минути од дојавата и со цистерна во која немале доволно вода. Ете како не заштитуваат, рече додека плачеше Стојанова.
Соседтката Маријонка Ристовска прва забележала дека гори куќата на Калинови. Таа живее од спротивната страна на улицата Никола Оровчанец. Го повикала синот и тргнале да помагаат но слушнале експлозија, се вратиле дома и повикале пожарна.
– Видов пламен во собата на катот во која живееше соседката Ставрула но одекна силна експлозија и се вративме со син ми. Тој повика пожарна а јас викав да ме слушнат соседите кога почнаа да се кршат стаклата на прозорците и се вивна, одеднаш, рече Ристовска.
Многуте електрични жици но и кабли од операторите им ја отежнаа работата на пожарникарите кои се обидуваа да ја исклучат струјата. По речиси два часа интервенција со неколку возила пожарот беше ставен под контрола па изгаснат. Густиот сообраќај и тесните сокаци во населбата велат им преставуваал исто така проблем но според командирот Љупчо Лепидовски пристигнале на време за да спречат огнот да ги зафати и останатите куќи кои се залепени една до друга. Дел од нив имаат и заеднички покриви во овој стар и густо населен дел на градот.
– Стигнавме за осум минути и ги расчистивме возилата кои беа паркирани на сокакот. Веднаш пристапивме кон гаснење. Направивме распоред според кои гасневме и во исто време ги штитевме соседните куќи. Имаше доволно вода во првата цистерна а потоа дојдоа уште две. Повикавме како резервна и цистерна на комуналното претпријатие. Успеавме да го изгаснеме огнот и ноќва остануваме тука да му помогнеме на семејството да се среди хаосот во куќата, рече Лепидовски.
Првичните информации се дека пожарот започнал од горниот спрат, но причините допрва ќе се утврдуваат. Пред куќата на Калинови стигнаа градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на Советот на општината, Александар Колев. рекоа дека ќе се обидат да им помогнат на двете семјства кои ноќва останаа без покрив над глава.
– На наредната седница, за два дена, на Советот ќе предложам точка за интервентна помош. Ќе помагаме и дополнително колку шпто можеме, рече Чадиев.
За две години ова е втор пожар во центарот на Велес. Претходниот се случи на стотина метри подолу од куќата на Калинови. Тогаш целосно изгоре куќата на Габерови која беше заштитена со закон а настрада и семејната куќа на Јовеви./Б.Н