Кампањата „Дари орган – Подари живот“ во Велес

Објавено: 31 октомври, 2013, во 16:43 часот

Секое починато лице е потенцијален донор на човечки органи доколку ги исполнува медицинските услови. Така ќе стори хумано дело бидејќи ќе спаси човечки живот.

Од невладината „Мактрансплант„ почнаа да ги едуцираат граѓаните со кампања „Дари орган – Подари живот“. Тие ја имаат поддршката на лекарската комора на Македонија, Здружението на нефролози при МЛД и Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Сите заедно на трибини низ градовите во Македонија разговараат со лекарите за новиот закон за пресадување на органи кој и во државава на граѓаните им овозможи да станат донори на човечки органи.

– На овие регионални обуки разговараме со матичните лекари кои пак ќе треба информациите да ги пренесат на своите пациенти со една цел да се поткрене нивото на свесност кај граѓаните за оваа тема. Тешко е кога еден живот ќе згасне но самата помисла дека токму тој еден живот понатаму може да спаси 8 други животи треба да биде светлата точка и тоа е она што ние сакаме да го постигнеме, рече  Адријана Ѓорѓиев од „Мактрансплант“,

На светско ниво трансплантацијата на органи не е табу тема и веќе со години наназад успешно се пресадуваат бубрези, црн дроб, бели дробови, срце и тенко црево а од ткивата се трансплантира кожа, крвни жили, рожница, коски и матичните клетки. Во Македонија моментално се врши само трансплантација на  коскена срцевина и на бубрези.

– Трансплантација на коскена срцевина се врши на Клиниката за хематологија во Скопје. Покрај тоа што треба да ја поткренеме свеста кај населението да донираат органи треба да овозможиме и стручен кадар кој ќе ја спроведува трансплантацијата. Тоа го правиме иако мали се потребите што Македонија ги има во моментот, рече проф. Д-р Нинослав Јовановски од Клиниката за нефрологија.

Досега во околу 300 успешни трансплантации на бубрези има 25 донирани органи од почитани граѓани.

Лекарите ја соопштија постапката според која заинтересираните лица кои сакаат да донираат органи по смртта треба да извадат донорска картичка која потоа семејството ќе ја употреби и ќе овозможи да се испочитува желбата на донорот./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.