СДСМ: Локалната власт работи против Деловникот и Статутот на општината!
Против уставно и деловнички е да ти отфрлат амандмани со образложенија кои само власта не ги видела, реагираат советниците на СДСМ и опозицијата во Велес. Тие денеска соопштија дека не успеаја да го спречат кратењето на парите предвидени во програмите на Општина Велес за 2014 година.
Локалната власт отфрли голем дел од нивните амандмани. Нив, комисијата за статут и прописи, ги отфрлила поради несогласување а како причина навела дека амандманите немале образложение. Според советникот Борче Павлов, ваквиот потег на власта е против деловнички и против статутарен.
– Амандманите имаа образложение и наместо Советот да расправа по предложените амандмани, а потоа и да гласа, гласаше за извештајот на Комисијата за статут и прописи, што е надвор од секоја правна логика. Сето ова од едноставна причина, што, никаде во Деловникот за работа на Советот на Општина Велес не пишува дека Комисија на Советот може да отфрли амандман, или, да го прогласи за ништовен. Три члена од Деловникот укажуваат на тоа, дека амандманите задолжително мора да се разгледуваат на седница на Советот, рече Павлов.
Советниците од опозицијата објаснија дека амандманите мора да бидат разгледувани на седница на Советот на општината. По нив се одлучува пред да се расправа за предлог одлуката на која се однесува амандманот. Од поднесените единаесет опозициски амандмани, власта во Велес прифатила само три. Опозицијата ги повлече, во знак на револт.
– Цениме дека со вакво практицирање на Деловникот, каде наместо силата на правото, се практикува правото на надгласување, се воведува една лоша пракса на работење, која не е во корист на никого, рече Павлов.
Советничката група на СДСМ своето незадоволство ќе го искаже преку прес конференции на кои почнувајќи од утре ќе ги информирала граѓаните за своите заложби и ставови во однос на кратењата на парите во програмите на општината.