На учениците во ПООУ „Маца Овчарова“ им треба физеотерапеут
Весна Андреева, Билјана Кокарова и Ирена Димова се мајки на деца со посебни потреби кои посетуваат основно образование во училиштето во Велес. Тие денеска присуствуваа на свечената програма по повод 3 декември светскиот ден на лица со посебни потреби. Ги гледаа како рецитираат, пеат и играат своите деца кои имаат даунов синдром или аутизам. Мајките побараа во училиштето да се ангажира и физеотерапеут.
– Единствено што на децата им недостига во училиштето е физеотерапеут бидејќи сметам дека малку време е часот по физичко кога децата вежбаат. Кога би имале професионално лице кое ќе им посветува внимание и ќе ги рехабилитира ќе биде подобро, рече Кокарова.
– Се согласувам со Кокарова, моето дете тешко се прилагодува на средината но заедно со директорката и наставниците правиме се да остане подолго време. Да не ја заборавам и американката Сара. Многу сум им благодарна затоа што по три години еве успеавме моето дете да издржи три часа на училиште, рече Андреева.
– Моето дете е аутистично и училиштето прави се во поглед на програмата. Во училиштето има сензорна соба и имаат дури и странски едукатор. Особено сум задоволна што наставниците постојано следат обуки и што се вклучуваат во наставата, рече Димова.
Денеска училиштето на мајките им подели прирачник за Развој на говорот и неговата паталогија што за нив специјално го подготви тим на наставници и педагози со цел да им ја олесни соработката со децата. Прирачникот е издаден со финансиска помош на Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Директорката на училиштето Татјана Љапова ги поддржа родителите и порача дека децата не треба да се гледаат низ призмата на нивните недостатоци туку низ нивните способности.
– Правиме се што е потребно за нашите ученици. Ние имаме вработено негувателка и мајките се во право, на училиштето му недостасува физеотерапеут . Ги следиме сите современи трендови и применуваме современа дефектолошка теорија и пракса преку рехабилитациски процес неадекватните сензомоторни шеми кои што ги имаат учениците да ги заменување со нови. Независно од тоа дали се работи за вежби за говорна стимулација, визуелна перцепција, за аудитивен развој или проблеми во читање и пишување кои се трудиме да ги надминат, рече Љапова.
На училиштето денеска Амбасадата на Германија во Македонија му подари модерен апарат Берингер логопедски сет за говорна стимулација.
-Нашите програми овозможуваат да се поддржат најранливите категории на деца, на население и на тој начин да се олесни работата на персоналот кој врши многу хумана работа на високо професионално ниво и да им се помогне на родителите кои сите свои надежи ги вложуваат во ова училиште каде што учат нивните деца, рече Марина Серафимовска од одделот за стопанство на германската амбасада.
Инервил клубот во Велес на училиштето му подари чек вреден 1.000 евра со кои ќе купи светлечка лед завеса и проектор за аутистичните деца за подобрување на нивните сензорни активности.
– Ние даруваме со цел да помогнеме на заедницата. Мислиме дека ќе им служи и во многу ќе им помогне во наставата. Сакаме да помагаме и ова нема да биде нашата последна донација, рече претседателката д-р Благородна Николова.
Сега на училиштето му останува да се избори и да ја оствари желбата на родителите. Вработувањето или ангажманот на физеотерапеутот треба да го одобри и финансира општината./Б.Н