НАТО ќе реконструира 13 моста на автопатот Велес – Скопје
За неколку дена ќе почне реализацијата на третата фаза на проектот за санација и зајакнување на мостовите на Коридор 10. Со пари на НАТО ќе се реконструираат 13 моста на делницата од автопатот Велес – Катланово. Поправките ќе траат една година за што ќе бидат вложени 8, 6 милиони евра.
– Ова покажува дека Македонија има одлична соработка со НАТО. Очекувам проектот да заврши согласно потпишаниот договор, до јуни 2013 година, рече министерот за транспорт Миле Јанакиевски.
Коридорот 10 е значајна транспортна рута на НАТО. Реконструкцијата на мостовите била планирана пред 10 години како дел од проектот за обезбедување на сигурната патна инфраструктура што мултинационалните сили ја користат од пристаништето во Солун до граничниот премин Блаце на границата со Косово. За изведувач и подизведувач на градежните работи се избрани фирми од Франција и Италија.
– Оваа инвестиција ќе ги зајакне конструкциите на мостовите и ќе обезбеди носивост во согласност со НАТО стандардите. И ова ќе овозможи побезбеден транспорт за нашите операции и за сите граѓани кои ќе патуваат по овој автопат, рече генерал Руи Салваторе Фарина Командант на силите на КФОР на Косово.
Во Македонија во изминатите девет години НАТО , во две фази, реконструираше 49 моста на делниците од Блаце до Велес и од Неготино до Гевгелија. Во тамошните поправки на мостовите вложи вкупно 22 милиони евра.
Сега, поправките на мостовите, по автопатот од Велес за Скопје, се очекува да почнат на 15 ноември од кога ќе има посебен сообраќаен режим на возење. /Б.Н