Ќе се избира нов претседател на судот – Лазаров заминува во пензија
Судскиот совет на Република Македонија распиша оглас за избор на претседател на Основниот суд во Велес, на местото на сегашниот претседател Јордан Лазаров кој заминува во пензија.
На огласот, за претседател на судот можат да се јават судиите од Основиот суд во Велес, но и било кој судија од друг суд во регионот, од Апелацискиот или од Врховниот суд. За претседател на судот не можат да конкурираат само судии кои се избрани во последните три години.
Огласот трае до крајот на јануари, а се очекува изборот да биде извршен кон крајот на февруари. Досегашниот претседтел на судот Јордан Лазаров на претседателската позиција беше три години. Услови за пензија исполни на почетокот на јануари, па наскоро се очекува Судскиот совет да го разреши поради заминување во пензија.
Во меѓувреме, Судскиот совет се очекува да распише оглас за избор на најмалку двајца судии во велешкиот суд, иако има најави дека ќе се пополни и трето место. Според систематизацијата, судот во Велес треба да има 22 судии, но по пензионирањето на судијата Зоран Лозановски, заминувањето во пензија на претседтелот Лазаров и по притворањето на судијата Иле Танев, од планирани 22 судии во судот ќе останат само 17 судии, што едалеку од потребниот број за решавање на обемот на предметите.
С.Д.