Општините не го спроведуваат законот за еднакви можности на жените и мажите
Локалните власти треба да ги забрзаат постапките за полесно остварување на целите на законот за еднакви можности на мажите и жените. Обврската што ја имаат општините произлегува од резултатите од спроведениот мониторинг во минатата година на здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција Здруженска“ од Скопје. Невладината организација подготви и годишен планер во кои се наоѓаат обврските и начините на кои треба да се спроведат.
– Станува збор за информатор, потсетник и насочувач за властите како полесно да ги спроведуваат целите на законот во праксата, рече извршната директорка на здружението Марија Савова.
Во мониторингот се опфатени 25 органи на државна управа и 84 единици на локалната самоуправа и градот Скопје кои дале одговори на 93 % од барањата за пристап до информации од јавен карактер.
Пред присутните претставници од локалната власт, политичките партии и граѓанскиот сектор во Велес беа презентирани резултатите од истражувањето кои покажуваат дека постои сериозна неинформираност на локалните власти и државните органи за тоа кои се нивните обврски но и низок степен на активности кои придонесуваат за целосно маргинализирање на законот.
– Досега планерот го промовиравме во 9 скопски општини и градот Скопје, ја посетивме Битола а покрај во Велес планираме да реализираме уште три вакви средби бидејќи е доста важно општините да бидат запознаени со него, рече Савова.
Новиот закон за еднакви можности на мажите и жените е покомплексен а планерот треба да помогне полесно да се спроведува но истовремено и да овозможи превенирање и поттикнување со една цел ефикасно применување на истиот во насока на унапредување на родовата еднаквост во Македонија.
Оваа активност е дел од проектот „Родовата еднаквост е секојдневна потреба“ кој здружението Здруженска го спроведува благодарение на поддршката од проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено Општество Македонија./Б.Н