Исечените дрвја во дворот на ОУ „Васил Главинов“ предизвикаa остри реакции
Недозволиво е во време кога градовите се гушат во смог да се случува ваков масакар на дрвја во дворот на основното училиште Васил Главинов. Исечените, неколку млади и едно постаро и поголемо се засадени пред повеќе од 4 децении и не може садењето на нови дрвја да биде оправдување. Новите ќе пораснат, доколку успеат по засадувањето, дури по 20 години да ги обавуваат своите основни функции, меѓу кои и прочистување на воздухот и заштита на околината, реагира претседателот на ЕД Вила зора, д-р Ненад Коциќ.
– Бараме итно да се спечат ваквите дејства, но и одговорност од оној што ги сторил. Не смее да се дозволи уништувањето на дрвја кои многу значат за екологијата во градот, за чистиот воздух и за спречувањето на нечистотиите и честичките да не доаѓаат до основците кои учат во училиштето. Бараме од надлежните да ги санкционираат сторителите, рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора.
Велешани со неверување гледаат што се случи во дворот на училиштето. Граѓаните коментираат дека ова не смее да му се случува на градот кој три децении се бореше за воздух.
– Најостро го осудувам ваквото сечење на дрвја бидејќи ние бевме млади тука и ги садевме, овие дрвца се стари и по четириесет и пет години, а сега не одговарале на просторот. Тоа не може и сум најпротив. Како можеше да се дозволи ова не знам, рече велешанец.
И додека граѓаните не се сложуваат со уништеното зеленило од јавното комунално претпријатие „Дервен “ велат дека проектот со кој ќе се уреди паркот и ќе се отвори за користење на сите граѓани има поголем број на дрвја.
– Проектната идеја е одобрена од страна на општината, на ова место ќе бидат засадени нови садници, а сите оние кои не се совпаѓаа со проектот и кои беа стари и опасни за околината ќе бидат отстранети“, рече Александар Бузалков.
Постапката на сечење на дрвјата од СДСМ ја осудија и ја нарекоа самоволие на власта. Нивната реакција, од општина Велес , ја нарекоа политички мотивирана..
– Најостро реагираме на однесувањето на власта предводена од ВМРО ДПМНЕ во градот која демонстрира самоволие и јавно ја прашуваме. Дали навистина смета дека ова им треба на велешани и како на овој начин ги застапува нивните интереси“, рече Иван Белевски, СДСМ.
– Вкупната инвестиција за овој зафат би изнесувала 1.181.981 денари.Тоа е она што Општина Велес има да го каже за реконструкцијата на дворот од ООУ „Васил Главинов”. Јасно, објективно и со аргументи. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината, која за жал денес повторно беше искористена за собирање на политички поени.“, рече Мартин Мајсторов, Општина Велес.
Ученици и екологисти ги засадија дрвјата во дворот на училиштето одамна во акции. Сега овој дел од 6 илјади метри квадратни општината го зема од училиштето и го пренамени во јавен парк под надлежност на комуналното претпријатие./Б.Н