СДСМ: Доста ни е од популизмот на власта и нас и на народот
Објавено: 6 ноември, 2013, во 17:22 часот
За девет месеци реализацијата на Буџетот на општина Велес изнесува само 44 проценти или за 11 проценти повеќе ако се додадат блок дотациите односно парите за плати и придонеси на вработените како и сретствата за материјално работење, пресметала опозицијата.
Според пресметките на опозициските советници ако се земат во предвид скратените програми и намалените финансиски средтсва тогаш од буџетот се потрошиле едвај 40 проценти. Со анализата на приходите исто така беше пренесен и ставот на локалната опозиција предводена од СДСМ за најавените и не реализирани капитални инвестиции во градот.
– Од најавените капитални инвестиции и натаму нема ништо. Замислете и по девет месеци од оваа година имаме нула реализација во ставката урбанистичко планирање. Од планирани три милиони денари, на три месеци пред крајот на годината, реализацијата е нула. Ова не е единствен случај, еве уште еден. Во потпрограмата за поттикнување на развој на туризмот, од планирани еден милион и 150 илјади денари, имаме реализација нула.. Се чудиме, како ли само го развиваме туризмот?, рече советникот од СДСМ, Панче Иванов
Опозицијата и понатаму останува на ставот дека власта во Велес скроила буџет кој реално не може да го реализира.
– Ова е само дел од слабата реализација, а од популизам ни е доста и на нас и на народот. Овој пат, се надеваме, можеби власта ги виде своите грешки па ке скрои буџет според реалните можности и потреби на граѓаните, иако и наредната година е изборна, а од изборните буџети, за жал, има само разочарување кај граѓаните, рече Иванов.
Од СДСМ најавија дека продолжуваат со организирање на прес конференции како начин за да ги соопштат на јавноста своите ставови и забелешки откако власта со ребаланс на буџетот ги скрати парите предвидени за повеќе проекти кои требаше да се реализираат согласно програмите за работа.
