Стојанче замина на лекување во Кина но потребните 15 илјади долари не се собраа
Семејствотот Димовски, вчера од Велес, го испрати единаесетгодишниот Стојанче на лекување во Кина. Тој со мајка му Македонка таму ќе останат три месеци. Толку трае еден циклус од лекувањето со акупунктура и хербална терапија што детето треба да ги прими и да му помогнат во лекувањето на болеста церебрална парализа. Семејството Димовски не успеа да ги собере потребните 15 илјади долари. Ним им недостасуваат уште 800.000 денари.
– Сметките се сеуште отворени за донации. Најмногу им благодарам на обичните граѓани со чија помош успеавме да собереме повеќе од 300 000 денари. Многу мал дел од нив донираа фирмите. Можам да кажам дека повеќе донации имаше од некои фирми од Скопје отколку од Велес. Се надевам и апелрирам до сите граѓани кои можат да донираат со што ќе помогнат да прооди моето дете, колку толку да се осамостои и одредени животни потреби да може да ги извршува без да му биде потребна нечија помош, рече таткото на Стојанче, Тони Димовски.
Во изминатите два месеци во Велес беа организирани повеќе хуманитарни средби, културно забавни манифестации, добротворни акции на кои се собраа само 5 илјади евра. Донираа и неколку фирми но тоа е премалку за да се покријат трошоците поврзани со сместувањето во болницата и медицинските третмани. Последни пари на Димовски им донираа учениците од средното хемиско училиште „Димитрија Чуповски“ кои одиграа театарска престава и навивачката група „Гемиџии“ поттикната од желбата на Стојанче да прооди и да заигра фудбал во тимот на велешка Маалска чешма.
Со цел да му помогне на единаесет годишниот херој, кој досега многу пати покажал дека чекор по чекор може да се победи и болеста церебрална парализа, Друштвото на лица со церебрална парализа му ја посветува на Стојанче вечерашната програма по повод 3 декември, светскиот ден на лица со инвалидност.
Велешани можат да помогнат преку купување на беџови и донирање доброволни прилози во касите што ќе бидат поставени во салата. Програмата ќе започне во 19 часот./Б.Н
На Стојанче можат да му помогнат сите граѓани на следниве жиро сметки и мобилни телефони на операторите
ВИП – 077/ 143 705
Т-МОБИЛЕ 070/143 105
Трансакциски сметки во СТОПАНСКА БАНКА на име Димовски Стојан
Денарска – 200002631002093
Девизна – 0026311459