Тивка аукција за помош на лицата со попречености во Велес и Чашка
Објавено: 15 октомври, 2013, во 10:01 часот
Општината, граѓани, фирми и Ротари клубот се сопственици на уметнички дела кои синоќа се продадоа на тивката аукција во Ликовниот салон. Ја организираше Здружението на лица со церебрална парализа. Уметници од Велесс, Струмица, Неготино и Прилеп подарија уметнички слики, икони, копаници и скулптури за да помогнат на лицата со посебни потреби во Велес и Чашка. Парите што се собраа од продажбата на делата ги доби Сервисот за домашна поддршка на лица со попречености.
– Подарив едно уметничко дело, кое има цена од 3 илјади евра. Тоа е израз на моето почитување кон лицата на кои им треба помош и внимание од страна на заедницата, рече Светозар Богдановски.
Синоќа, во Ликовниот салон во Велес се продадоа половина од подарените дела на Друштвото на лица со церебрална парализа. Тие што ги купија рекоа дека на оваа категорија на граѓани и требаат секојдневно внимание и грижа. Ја поздравија аукцијата и апелираа што поголем број на граѓани да се вклучат во помошта за оваа категорија на граѓани.
– Во име на фирмата купив две дела. Ние сме прогласени за општествено одговорна фирма на европско ниво. Ја потврдуваме одговорноста и сметам дека на лицата со попречености им треба поголемо внимание од заедницата, рече Аце Ацевски од скопски „Раде Кончар“.
– Јас купив икона на која се наоѓа нашиот семеен светец. И навистина ми е мило што вечерва ќе ја однесам иконата во домот, токуму од оваа манифестација, посветена на моите сограѓани и нивната потреба од помош. Мислам дека направив добро дело што парите за иконата ги дадов токму вечерва, рече велешанка.
Уметнички дела купија уште неколкумина граѓани и фирми од Велес. Слика со мотиви од градот ќе ја разубавува и општинската зграда. Едно уметничко дело избраа и членките на Инервил клуб – Ротари од Велес
Организаторите на тивката аукција беа задоволни. Ликовниот салон беше полн со гости но и со членови на здружението.
– Планиравме да собереме 180 илјади а продадените уметнички дела само вечерва ни донесоа 100 илјади денари. Се надеваме дека во наредните денови ќе ги продадеме и останатите слики, копаници, скулптури. Им благодарам на уметниците, без чија поддршка немаше да се случеше овој настан. Освен нив исто така голема благодарност упатувам и до сите овие прекрасни луѓе кои дојдоа вечерва и донираа за лицата со попречености. Тие направија големо хумано дело, рече далиборка Златева. Таа е претседател на граѓанското здружение кое ја организираше аукцијата.
Сеуште има уметнички дела за продажба. Здружението се надева дека сите ќе се продадат. Собраните пари ќе овозможат да продолжи работата на Сервисот за домашна поддршка на лица со попречености. Неговите мобилни екипи ги посетуваат лицата во општините Велес и Чашка. Корисниците на услугите добиваат физикални третмани во домашни услови. Со нив работат дефектолози и психолози. Во исто време им помагаат на семејствата./Б.Н






