Семејството Тренчови планира да ја урне куќата во комплекс Варналии
По седумдесет и две години живот Лазо Тренчов сака да ја урне куќата во која се родил и во која живее. Куќата на Тренчови се наоѓа во комплексот Варналиите и е заштитена со закон. Но токму неправдата што ја доживеал и што некој си поиграл со законот го натера да донесе одлука за која вели : „Да бидам искрен е против моја воља“.
Лазо Тренчов прво добил а потоа изгубил повеќегодишен судски спор со соседи кои купиле куќа во овој комплекс, ја урнале и на нејзино место изградиле нова. Штом тоа го сториле Тренчови се соочиле со првите посериозни проблеми. Поради стрмниот терен, ново изградената куќа на соседите, е на нешто повисока позиција во споредба со куќата на Тренчови. Соседите изградиле двор од каде почнала да се слива вода во празниот простор до куќата на Лазо. Од неа се полнеле горните подруми а во долниот подрумски дел се појавила влага од пукнатата канализациона цевка на соседната куќа.
– Прво го добив а потоа го изгубив судскиот спор откако инжинерка направи проценка според која водата од покривот на мојата куќа била причина за поплавите и влагата во подрумите. Тоа што соседите изградија двор од кој водата се слеваше директно во празниот простор не го виде госпоѓата инжинерка. За неа не важеше ниту решението на Заводот за заштита на споменици на култура, од 1962 година, со кое имам забрана да правам било каква интервенција на куќата без согласност на државата. Чукав на портите на државата, за да кажам дека имам проблем за кој треба да најдат решение ама никој не ми отвори и на крајот доживеав да бидам осуден по принципот „Кадија те тужи, кадија те суди“ за што отплаќам глоба од 2 илјади евра, рече Лазо.
Тој раскажа како сам си ги платил олуците кои ги поставил на стреата од проблематичната страна на куќата. Го дупнал камениот ѕид за да спроведе цевка низ која се пренесува водата од олуците низ подрумите и излегува во неговиот двор. Сам го изградил неколку метри високиот и исто толку долг потпорен бетонски ѕид кој ја дели куќата на Тренчови со соседната. Лазо ја сменил и старата дрвена влезна порта. Старата се скапала и веќе е заменета со нова, железна.
– Ете тоа е од никаде и од никого помош. Од државата само во два наврати дојдоа. Прв пат кога од надворешната страна го измачкаа и обелија ѕидот на куќата, над портата, а вторпат пред да снима Милчо Манчевски кога ги сменија керамидите на половина од покривот на куќата. Да ја доплатам уште неколку месеци глобата и ако не успеам да ја продадам тогаш ќе ја урнам куќата и на нејзино место ќе направам две соби и бања. Тука живееме јас и сопругата и тоа ќе ни биде доволно , рече Лазо.
Тој додаде дека воопшто не било лесно да ја донесе одлуката за куќата во која се родил и во која живееле неколку генерации на семејството Тренчови. Тие се старо велешко семејство, позанати занаетчии, касапи, а Лазо е последниот од нив.