Велешката пита -џин тежеше 50 килограми
Џиновската пита беше атракција, денеска, на стопанско – културната манифестација „Питијада„. Неа ја промовираше градоначалникот Славчо Чадиев а потоа беше поделена на граѓаните кои за парче пита даруваа пари што ќе бидат наменети за лекувањето на единаесетгодишниот Стојанче Димовски.
Сопственикот на „Четворка“, Бобан Досевски, рече дека воопшто не било тешко да се подготви традиционалниот велешки специјалитет.
– Не беше тешко, мајсторите се врвни во својот занает. Жалам што тие не се тука за да ви објаснат бидејќи продолжија да подготвуваат нови количини за денешниот ден. Еве јас во нивно име ќе се обидам со тоа што прво ќе ви кажам дека питата е долга 3 и широка 1 еден метар. Таа содржи 20 килограми тесто, 20 килограми свинско месо, 200 јајца и маст. Поголема е од штипската Пастрмајлија и за тоа треба да ни признаат нашите колеги од овој град. Еве ветувам дека в година ќе се обидеме да направиме пита која ке биде долга 4 метри. Верувам дека годинешнава е вкусна бидејќи како што гледам парче нема да остане од неа, рече Досевски.
Питата се продаде за дваесеттина минути. Граѓаните кои ја пробаа велеа дека мајсторите комплетно успеале во намерата .
На главната улица во градот и денеска имаше велешани и гости од соседните градови. Пити се јадеа на сите седумнаесет штандови. Се пиеше и вино. Угостителите и винариите се задоволни од потрошувачката.
– Очекуваме денот да мине исто како што беше и синоќа. Задоволен сум од прометот а верувам дека и моите гости беа задоволни од квалитетот на питите и на услугата, рече сопственик на ресторан во Велес.
Вечерва во Велес се очекува да стигнат нови гости кои ќе го пробаат специјалитетот и ќе присуствуваат на концертите на Бени Шакири, Нон стоп и Црвана јабука. Забавата се очекува да трае до раните утрински часови.