За 3,6 милиони евра, во пакет, ќе се продава велешки Киро Ќучук
Ваква одлука донесе Одборот на доверители на велешката Туланица, во стечај. Стечајниот управник Ацо Петров е задолжен во најкус рок да објави огласот за продажба во еден од дневните весници. На огласот право на учество ќе имаат сите домашни и странски фирми и поединци. Цената за продажба на туланицата не може да биде намалена од почетната сума .
Продажбата се случува откако не успеаја обидите фабриката да се рестартира. Прилепската компанија „Микронтеч“ изготви проект за консолидација но, не обезбеди банкарска гаранција од 2 милиони евра и други средства за подмирување на обврските кон доверителите.
Велешката туланица отиде во стечај поради не подмирени обврски од над 10 милиони евра, од кои 6,1 милиони евра кон Управата за Јавни приходи.
Сега ќе се чека на заинтересиран инвеститор кој планира повторно да ги стави во функција производствените капацитети во кои на годишно ниво се произведуваа над 120 милиони единиците ниско ѕидни ементи и 1,5 милиони метри ферт гредички.
Во најдобрите времиња фабриката имаше над 700 вработени и беше најголем производител на градежни елементи во Македонија. Таа е сопственик на основниот репроматеријал, глината.