Вредни икони наместо во велешко се наоѓаат во архивите во Софија, Атина и Белград
Македонија од секогаш била ризница на многу вредни реликвии и документи кои го потврдувале нејзиниот идентитет. Сите тие се чувале во црквите и манастирите. Соседните држави Србија, Бугарија и Грција од секогаш имале аспирации да земат дел од Македонија и да ја избришат од географската карта, не бирале начин како да ги присвојат како свои или уништат вредните реликвии и документи за постоењето на Македонија и македонскиот народ и покрај тоа што знаеле дека Македонија е вековна земја која има свој корен и свој идентитет. Сите тие, како глутница гладни волци, не бирале начин да го земат сето она што било наше, македонско.
Во долниот дел на фотографијата од 1919 година е Манастирот Свети Димитрија, кај Велес
Но најлошо било што по окупирањето од страна на Србите, Бугарите и Грците, веднаш почнувале процесите на уништување на предходно воспоставени книги и документи. На пример сите бугарски документи, од книги на родени, тапии, договори , до наједноставната преписка и училишна документација на Македонците, која била водена дотогаш, била запалена и неповратно уништена.Тоа не била некоја новост бидејќи и во 1912 година на тој начин биле уништени сите турски документи за Велес и велешко, од земјишните книги до тефтери и книги од непроценлива историска вредност за велешани. Тоа се случило и 1915 година при падот на Велес во бугарски раце, а во 1918 година истото го прави и новосоздадената српска власт.
За време на Балканските и Првата светска војна , бугарската и српската војска која како заминувала систематски носела поточно одкраднувала од нашите цркви и манастири голем број реликвии, икони, мошти и вредни историски и духовни богатства. Но,покрај духовните вредности, се краделе и одземале и наједноставни, секојдневни предмети и стока од црквите и манастирите во Велес и велешко. Затоа, во нашите архиви и музеи не постојат голем број пишани архивски документи од периодот пред Првата световна војна.
Црква Свети Никола во село Оморани
ониКако што вели велешкиот истражувач Љупчо Данов, при истражувањето од српски извори пронашол еден документ, со број 73 од 9 февруари 1919 година, во кој на список се запишани предмети кои се однесени поточно украдени од велешкиот манастир „ Св.Димитрија“ и манастирот „ Св.Никола“ , кај село Оморани, во реонот на Азот. На списокот на предметите, стока и добитокот кој е попишан како однесен од велешкиот манастир „Свети Димитрија“ од страна на бугарската власт е запишано следново:
„ Од манастирот, бугарските војници зеле 8 оки волна, 400 оки овес, 150 оки брашно, 150 чинии, 50 чифта нови волнени чорапи, 1 швајцарска крава со теле, 8 волови за работа, 1 бакарен казан за варење ракија, 3 политирани маси, 3 нови јоргани, 10 перници, 30 овци и 20 коњи, поголем број икони, стари книги и други вредни предмети кои му припаѓале на манастирот и на македонскиот народ.“ Вредноста на однесената стока, според српските проценители, е проценета на 64.950 србски динари.
Според Данов многу подолг е списокот на предметите и стоката што бугарските богослужбеници и војници ја откраднале од манастирот „Св.Никола“, кај село Оморани. Од таму однеле: 150 овци, 200 кози, 20 говеда, 8 волови, 4 коњи, 15 свињи,100 кокошки, 1800 оки пченица, 100 оки брашно, 100 оки оцет, 19 килими волнени- рачна изработка, 2 големи козини, 20 вреќи од козина, 4 бакарни казани, 3 големи бакарни тепсии, 4 бакарни ѓумови, 3 бакарни тави големи, 50 лажици, 50 вињушки, 8 торби со волна, 10 лимени пешки, 6 големи крбли, 6 големи буриња, 6 големи каци, 2 метални кревети, 2 пара свештеничка одора,комплетна, 2 кадилници, 1 крст од тронот ( резба), 1 евангелие оковано од сребро ( филигран). Се ова е проценето на 80.990 србски динари. Никаде не е запишано дали нешто од ова е вратено или пак дека српските власти за однесените предмети побарале и добиле репарација од Бугарија.
Влезот во црквата Свети Никола
Истражувачот Данов вели дека евидентираните украдени предмети се само за два манастири при повлекувањето на бугарската армија и свештенството во велешко. Овој сегмент докажува како и колку е пустошена Македонија во Првата световна војна, кога била вовлечена за жал , не по своја вина. А она што е одземено и однесено од другите манастири и цркви, од селските и од градските куќи, од амбарите, од шталите и од полињата за жал никаде не е запишано.
„Тоа е немерливо повеќе, особено што тука не ги споменувам и другите вредни духовни предмети и реликвии, икони , стари книги, записи и друго за кои се знае дека постоеле, а се однесени неповратно,“ рече Данов.
Да не се заборави и да ги потсетиме денешните и идните генерации дека на 14 септември 1918 година силите на Антантата, со околу 670.000 војници, го пробиле фронтот и по два дена биле ослободени Гевгелија, Дојран, Битола, Прилеп и Кавадарци. десет дена потоа капитулирала Бугарија и ја повлекла својата војска од Вардарска Македонија, задржувајќи го пиринскиот дел на Македонија и градот Струмица со околината. На 27 септември 1918 година француските и српските единици го завзеле Велес и околината.
Тогаш Македонија повторно била поделена и Вардарска Македонија повторно подпаднала под Србија. Веднаш се пристапило кон менување на презимињата на жителите на „ иќ“, а новородените деца добивале српски имиња. Истото се случувало и со муслиманското, претежно турско население.
Бугарскиот јазик е исфрлен од образованието и од црковната богослужба. Веднаш бил наметнат српскиот јазик и националните обележја.
Стоилко Андреевски